Пародија со туѓото знаме во Лабуништа!
Пишува Исмаил БОЈДА, поретседател на Сојузот на Македонците со исламска религија.
На 28 ноември 2013 година, на Денот на албанското знаме, Лабуништа стана центар за албанизација во Македонија. На јарбол од 20 метри сред село, се крена албанското државно знаме, иако во селото живеат чистокрвни Македонци кои дури не го ни познаваат албанскиот јазик.
Пред тв-камерите, во името на сите, изјави дадоа двајца, од кои едниот не знаеше албански, а другиот опоменат да не одговори дека е Македонец изусти дека е Албанец. Повеќе од очигледно беше дека и двајцата не се Албанци, ама сигурно беа јаничари.
Градоначалникот на Струга говорот пред Македонците во Лабуништа го одржа на албански јазик кој не го разбра никој.
После 28 ноември 2013 година, наместо македонското државно знаме, сред Лабуништа ќе се вее албанското.
Се заборави дека Лабуништа е во Македонија и дека во Лабуништа живеат Македонци кои зборуваат чист македонски јазик, а не Албанци. Затоа, се поставува прашањето, кому ќе му служи албанското државно знаме во Лабуништа, на Македонците или на Албанците за проекцијата Голема Албанија?
И не случајно зборовите на Његош “Гори потурица него Турчин“.
Се разбира, не е забрането да се почитуваат сите, ама тие, Албанците, какви што некој сака да ги претстави и Лабуништани, секогаш ќе ги нарекуваат “Торбеши“ затоа што знаат дека не се нивни.
Среќа ли е да си ништо, заборавајќи си ја нацијата и корените, бидејќи други те манипулираат со верата? И после се’, само гробовите на мртвите Македонци во Лабуништа ќе останат неми сведоци за предавството на нивните потомци. Патем, ако Албанците се и муслимани и православни и католици, зарем Македонците се само православни, а ги има и муслимани и католици?
За тие со куранот под перница, како најголеми муслимани, да не заборават, дека и шеријатот ги обврзува верниците да ја почитуваат државата во која живеат!
Таа држава за нас Македонците, па и за ковертитите од Лабуништа е само Македонија, никоја друга освен Македонија, од векови за навек!
Помина времето кога нацијата се купуваше и продаваше, на таквите денес цената им е најниска, тие се безвредни.
Жалосно е што продадени и поткупени ги туркаат Македонците по вероисповед муслимани во маргинализација и изолација во сопствената држава Македонија, иако се неотуѓив и нераскинлив дел од единствениот Македонски народ!
За крај, браќа муслимани, Лабуништани, торбеши не сме затоа што сме муслимани, ниту сме Албанци затоа што исламот не е албанска вера.
Македонци сме затоа што зборуваме македонски, Македонци сме затоа што Македонија е и наша држава од дедо прадедо, Македонци сме затоа што цицавме млеко од мајки Македонки, достојни сме на верата во Бога, ама не како Албанци, туку како Македонци, затоа што христијанството не е македонска вера, како што исламот не е албанска вера! Нашата историја, сегашност и иднина се во Македонија!
И нам ни следи место под сонцето во сопствената држава. Не џабе браќата Миладиновци своевремено в туѓина рекле “Таму далеку, таму сонцето мрачно изгревјит“. Да не живееме во сопствената држава Македонија како туѓинци со знаме на туѓа држава над главите, над верата, над џамијата и над татковината!