Знам дека сум зависен од серија кога од нигде-никаде ќе искористам некој цитат, навидум без врска. На пример:
Рандом лице: „Не знам дали ќе го положам испитот, веќе три пати го паѓам“. Јас: „It only ends once. Everything before that is just progress".
Пример 2. Рандом лице: „А бе си го заборавив новчаникот на касата во Тинекс“. Јас: „We have to go back!“.
Пред некое време излезен, воедно малку повеќе поднапиен, се фатив како се дерам: „Yeah bitch, Magnets!“. Еден дури и ме праша за какви магнети станува збор. Дека бев на веридба му реков дека мислам на привлечност, нели, љубов, романтики и сл. Не верувам дека тоа држи логика, ама ај.
Инаку, серија од која сум бил најмногу зависен е Lost, затоа и не е чудно што е на прво место кај мене. Уште од првата епизода се навлеков скроз. Во шеста сезона зависноста го достигна зенитот, кога почнав да си замислувам што правам во sideways тајмлајнот и кога ми падна ептен тешко на финалето. Ебаното финале, кое ме потресе кога сфатив дека после него нема повеќе Lost и дека Кејт, Џек, Соер, Лок и компанија нема никогаш да ги видам повторно. Знам, станува збор за серија, измислени ликови, купишта од неодговорени мистерии, ама одеднаш како да изгубив нешто кое претходните шест години ми значело многу. Колку да ја надоместам загубата им раскажував на луѓето како уствари завршила серијата. Нормално, на оние кои беа спремни да ме слушаат. Се сеќавам дека на една другарка, која беше гледала само прва сезона, и` го објаснував понатамошното дејство отприлика три саати. Не знам како издржа, ама и` беше интересно и сето тоа ја поттикна да си ги симне сите шест сезони.
Друга серија од која сум бил малку повеќе зависен е Prison Break бидејќи со тогашниот цимер за пет дена изгледавме три сезони. Резултат: неодење на факултет, паднати два колоквиуми и привремен страв од полициски коли.
Нешто слично на магијата која ја имаше Lost е Carnivale. Иако серијата има само 24 епизоди, тоа беше доволно да ме зарази. Ми текнува кога се спремав да го гледам финалето, еден другар ми дојде ненајавен на гости, а јас едвај чекав да ја пуштам епизодата. Велат дека искреноста е доблест, па така му реков да отиде некаде на друго место и да се врати отприлика за еден саат бидејќи имам финале за гледање. Може звучи малку некултурно, ама последната епизода беше она кое го чекав уште од кога ја почнав серијата и стварно не можев да се стрпам.
Последна серија која ми удрила во глава е Six Feet Under. Тешка е за гледање и затоа првата сезона ја влечев повеќе од месец. Втора и трета ги изгледав маратонски за неколку дена и ептен ме погоди. Тие неколку дена ретко мрдав од дома, јадев само брза храна, по можност со достава и пушев цигари како да сум на норма. Со оглед дека темата која серијата ја обработува е сериозна, започнав да размислувам за смртта на некој нов начин, а и повеќе отколку што треба. Во серијата, некои обични ситуации понекогаш знаат да бидат фатални, па така и јас започнав во ваквите ситуации да гледам нешто друго. На пример, си одам со другар по улица, поминуваме под клима, и започнувам да си правам филмови што ако климата падне врз некој од нас и какви последици тоа ќе има врз најблиските. Ако тоа не е забеганост предизвикана од серија, не знам што е. Затоа четвртата сезона ја одложувам некое време и чекам подепресивни времиња да ја продолжам.
И за крај, не гледам ништо лошо во ваквата таканаречена зависност. Сериите и филмовите, како и книгите, служат за релаксација, пополнување слободно време, но и бегство од реалноста. Интересно е одвреме-навреме да забегаш во некој недостижен свет и да се поврзеш со ликови со кои немаш допирна точка во вистинскиот живот. Како сонувањето, само што ова го правиш намерно. И така се случува да се внесуваш во тој свет, понекогаш повеќе отколку што треба. Некои ова би го дефинирале како типичен ескапизам. Како што веќе реков погоре, ваквите работи ми се случувале и на мене, иако не би фатил да барам причини бидејќи, во ваквиот случај, нејасна е границата помеѓу обичната забава и бегството од реалноста. Добрите серии имаат токму за цел да го привлечат гледачот, по можност на подолг период. Тие нудат ликови кои изгледаат дека се реални и со кои гледачот може да се соживее, како и ситуации кои имаат цел да те насмеат или замислат. Дури и репризното гледање на исти серии или епизоди може да предизвика некаква си еуфорија, бидејќи ќе те потсетат на некои минати времиња, а со тоа и ќе побудат пријатни или непријатни чувства. Епизода на Friends може да ти врати сеќавања како на времето, со посредство на локалната Ирис телевизија, си правел совршена пауза од учење за тест. Пилот епизодата на Lost ќе те постети на таа некоја фасцинација и на чувството дека појма немаш што ќе се случи во иднина. Не ретко се случува да дознаеш и нешто ново, на пример што е лупус, како функционира светот на дрогата во Балтимор, па до тоа како Лудиот шапкар од Алиса во земјата на чудата го добил името. Понекогаш ќе се навлечеш повеќе отколку што треба, ќе паднеш на испит или ќе се испокараш со некој кој ти рекол дека Breaking Bad е досадна серија, ама ништо страшно. Барем знаеш дека едно време си уживал во нешто несекојдневно.