Интервјуа после мечот.
Шефот на стручниот штаб на МЗТ Скопје, Алеш Пипан, уште еднаш ја истакна гордоста што ја чувствува за своите кошаркари откако „металците“ во одличен меч славеа над Цибона. Без оглед на слабата форма на хрватскиот гигант, Пипан потенцираше дека Цибона секогаш е незгоден ривал и дека МЗТ мора да биде горд на оваа најнова, осма победа во АБА-лигата.
„Малку се плашев од овој натпревар, пред се поради одложување на мечот што влијаеше на нашата фокусираност на почетокот. Сепак, и самите видовте што се случи, нашите кошаркари покажаа фантастичен карактер, одиграа одлично иако имавме проблеми со фаули и со дефанзивен скок. Цибона притискаше се до самиот крај, но ние не дозволивме да се врати во мечот. Без оглед на слабата форма, Цибона секогаш е Цибона, атакува на победа на секој меч, но ние не им дозволивме да се радуваат вечерва. Моментно сме шести, но најлошо од се е да се гледа табелата, најважно е да се фокусираме само на следниот меч, да размислуваме на еден по еден натпревар. Нема секогаш да победуваме, ќе се случи да загубиме некој натпревар, но сакам и кога тоа ќе се случи - да загубиме со карактер“ – истакна Пипан на прес-конференцијата по натпреварот..
Центарот на МЗТ Скопје, Урош Николиќ, беше задоволен и од својот настап, но пред се од победата на својот тим.
„Ова е голема победа за нас, над силниот состав на Цибона. Тие дојдоа осетно засилени во Скопје, но ние успеавме да ја продолжиме серијата позитивни резултати на домашен терен. Лично се обидувам да го дадам максимумот на секој меч, сметам дека е забележлив напредокот во мојата игра, верувам дека можам да играм уште подобро и ќе го докажам тоа на следните средби. Морам да ја пофалам и фантастичната публика, која ни помогна во самата завршница, кога Цибона фати резултатски приклучок, но ние не дозволивме целосен пресврт“ – изјави Николиќ.
Плејмејкерот на Цибона, Давор Кус, беше реален во својата анализа за вечерашниот натпревар.
„Овој натпревар го загубивме поради очајната игра во првото полувреме, во кое што му дозволивме на противникот да си создаде преголема предност. Успеавме да се вратиме, но реално гледано со играта што ја прикажавме вечерва не заслуживме да забележиме победа. Очигледно е дека се наоѓаме во голема криза, самодовербата во тимот е на ниско ниво и ќе мораме да најдеме начин да влеземе во победнички ритам“ – истакна искусниот Давор Кус.