Ученички малтретирани во тоалет
Речиси не поминува ден, а во средното хемиско училиште „Марија Кири Склодовска“ да не се случи инцидент. Ова, сведочат ученици, трае со месеци. Се тепаат деца Албанци и Македонци. Велат оти никој сам не оди на паузите меѓу часовите. Зошто случаите се забошотуваат не им е јасно. Последниот од низата поголеми инциденти се случи во вторникот. Тогаш не биле само двајца повредени, како што беше официјално соопштено. Барем шестмина побарале лекарска помош.
БАНАЛНИ ПРИЧИНИ ЗА ГОЛЕМИ ТЕПАЧКИ
За случувањата во хемиското училиште ни раскажуваа Гордана, Влатко и Дритон, тројцата ученици во втора година. Бидејќи се малолетни нивниот идентитет нема да го откриваме. Сите тие во вторникот виделе кој, кого и со што удирал.
Биле близу местото на настанот. Единствено што ниту еден од нив не знаеше да ни каже е кој прв почнал.
- Во вторникот беше најстрашно досега. Дваесетина ученици-Албанци, од втора, трета и четврта година, скандираа „УЧК, УЧК...“, а потоа почнаа кон нас да фрлаат со сѐ што им дојде при рака. Едно дете погодија со лименка во глава. Но тоа не им беше доволно, па се стрчаа и тепаа сѐ пред себе. Згора на сѐ, ним на помош им дојдоа четири лица. Беа повозрасни и со автомобил „голф“, бела боја, со скопски регистарски таблички. И тие маваа кон нас. Никој не се осмели да ни помогне. Ниту професорите, ниту обезбедувањето. Кога виде директорот што се случува влезе внатре, а неговиот заменик го затворија во просторијата што е веднаш до влезната врата и не му дозволуваа да излезе оттаму. Човекот што се грижи за безбедноста, наместо да ги смири оние што нѐ нападнаа, фати еден ученик за врат, му удри неколку шлаканици, го турна на земја и го удираше со клоци - вели Гордана.
Според Гордана, сѐ почнало пред неколку месеци, кога група ученици запреле во ходникот една средношколка и ја затвориле во тоалетите. Ја држеле дваесетина минути, ја испрашувале која е, со кого се дружи, зошто, дури и за кого навива. Девојчето со денови не можело да си дојде на себе од страв. Им се пожалило на професорите, но попусто. Случајот се забошотил.
Влатко и Дритон стоеле еден до друг, кај киоскот што е во дворот на училиштето кога избил инцидентот. Имале, велат, среќа што излегле порано и биле меѓу првите што застанале на ред за сендвичи. Влатко пред приближно еден месец имал непријатна случка. Се присетува и раскажува.
ТАТКОВЦИ ГИ ЧЕКААТ ДЕЦАТА ПРЕД УЧИЛИШТЕ
- Ме опколија група момчиња. Ги познавам, учиме тука, во истото училиште. Еден од нив ми пријде, ми се втурна в лице и нѐ праша нешто неважно, за кого навивам. Мојот одговор не му се допаѓаше. Ме турна силно и паднав на земја, а тогаш почна да ме удира и со раце и со нозе, пред сите ученици, на средина на училишниот двор. Штитејќи го лицето, успеав низ рацете да видам дека еден од групата држеше нож во рака. Оттогаш татко ми редовно е тука пред училиште. Наместо за појадок, паузата ја користи да дојде дотука и да ме однесе дома по часовите - вели Влатко.
Јордан е родител чие дете е втора година во „Марија Кири Склодовска“. Живеат во Аеродром, спроти трговскиот центар „Бисер“. Но иако се близу, тој ја чека ќерка си пред училиштето и ја испраќа до пред врата. Се плаши да не ѝ се случи нешто. Досега никој не ѝ сторил ништо, но тој, сепак, го прави тоа секој ден.
- Можеби сега изгледа смешно, но јас на тринаесет години морав да бидам во кревет најдоцна до 21 часот. Хаос во нашите и во нивните глави оставија војната во 2001 година и севкупните општествени превирања. Како да не сме свесни за последиците од погрешните вредности што секој ден ни се сервираат - вели таткото.
Насилничко однесување во училиштето наидува на ѕид на молчење од вработените. Директорите и школските психолози и педагози го чуваат угледот на училиштето и кријат детали од медиумите, а за тепачките надвор од училиштето зборуваат дека не се виновни.
Еве ги овие суштествава што „сакаат соживот“, што продаваат лицемерие на форумов дека се ангелчиња. Ко шо можи да видите, дури и на персоналот му одговара тепањето, или се посрани од страв за да реагираат.