- Член од
- 3 ноември 2008
- Мислења
- 2.816
- Поени од реакции
- 1.088
Партнери сме со САД и со Турција, но ни требаат и Германија, Русија и Кина
МАКЕДОНИЈА МОРА ДА ГО ШИРИ КРУГОТ НА СТРАТЕГИСКИТЕ ПАРТНЕРСТВА
Стратегиските партнерства помеѓу државите, особено за земјите од Балканот, се од исклучително значење за остварување на главните државни приоритети, како што е успешното завршување на евроатлантските интеграции. Иако првично водени од економски интереси, таквите партнерства се шират и на соработка во други стратегиски области, како што е, на пример, воената. Токму заради остварување на стратегиските цели, Македонија мора да го прошири кругот на земји со кои ќе има таков вид партнерства, особено поради фактот дека евроатлантските интеграции се закочени поради спорот за името со Грција. Формални или фактички, тие се од суштинско значење за земји што не можат да се пофалат со голема економска и воена моќ, сметаат експертите.
Познавачите на состојбите истакнуваат дека стратегиските партнерства дејствуваат како еден вид чадор за односите помеѓу две земји, издигнувајќи го нивото на дијалогот меѓу нив и зацврстувајќи ја рамката во која соработуваат. Според нив, таквите партнерства создаваат привилегирани односи помеѓу партнерите преку билатерални консултации и интензивна координација, особено кога станува збор за партнерство помеѓу суперсила, како што се на пример САД, и помала држава-партнер.
Вашингтон и Анкара од почетокот со нас
Токму таквиот привилегиран однос најчесто доведува до тесна билатерална соработка за чувствителните прашања од регионален или глобален интерес. На ова поле, гледано според бројката, Македонија има склучено малку, односно две стратегиски партнерства - со САД и со Турција. Сепак, тие се од огромно значење за нашата држава, бидејќи станува збор за светска суперсила и за Турција, која е клучен регионален играч и мост помеѓу Западот и Истокот.
- Уште од самиот почеток, САД беа де факто стратегиски партнер на Македонија. Тие застанаа зад нашата земја во клучните моменти, како што беше конфликтот во 2001 година, кога под нивна насока беше склучен рамковниот договор. САД исто така во 2004 година ја признаа Македонија под уставното име - вели професорот Стево Пендаровски.
Сепак, според Пендаровски, во изминатите години нашата земја како да го загубила стратегискиот пилот, односно насока, па затоа мора повторно да се вложат напори за зајакнување на постојните и склучување нови стратегиски партнерства.
- Америка преку Македонија, Косово, Грција, Босна и Албанија сака да го стабилизира регионот и да го запре ширењето на руското влијание. Македонија е еден дел, една плочка од целата слика - додава Пендаровски.
Стратегиското партнерство помеѓу САД и Македонија беше формализирано во мај 2008 година, кога во Вашингтон тогашниот шеф на македонската дипломатија Антонио Милошоски и американската државна секретарка Кондолиза Рајс ја потпишаа Декларацијата за стратегиско партнерство и соработка.
Декларацијата, со која уште еднаш беше потврдена американската поддршка за Македонија по грчкото вето на самитот на НАТО во Букурешт, содржи три елементи. Првиот се однесува на зајакнување на соработката во однос на трговијата и економијата, вториот е за зголемување на соработката во рамките на безбедносниот сектор, додека третиот е насочен кон наоѓање поконкретни начини за доближување и поинтензивни контакти меѓу двете општества. Во Декларацијата се укажува на „заложбата на САД за суверена, демократска и просперитетна Македонија, која ги споделува вредностите на мирот, слободата, владеењето на правото и слободниот пазар“. Интересно е тоа што во документот Вашингтон ја истакна долгогодишната поддршка за македонската безбедност, стабилност и економски развој на патот кон целосна евроатлантска интеграција и како и надежта за што поскоро приклучување на Македонија кон НАТО.
Традиционално добрите врски со Турција беа крунисани во ноември 2008 година, со потпишувањето на Стратегијата за зајакнување на билатералните односи меѓу двете земји. Покрај одличната економска соработка, Анкара е и најгласен поддржувач на македонските напори за членство во НАТО, кое беше блокирано поради противењето на Грција. Според експертите, Турција во повеќе наврати конкретно ги потврди искрената поддршка и залагање за Македонија, бидејќи интегрираниот Балкан е дел од турските стратегиски интереси. Тие укажуваат на фактот дека турските компании постојано инвестираат во нашата земја, дури и во услови на глобална финансиска криза, што е доказ за долгорочните планови за поддршка на Македонија.
- Турција е единствената земја-членка на НАТО што во официјалните документи на Алијансата истакнува дека ја признава Република Македонија под нејзиното уставно име. Негувањето добри односи со Турција веќе дава резултати на економски план - вели професорот Здравко Савевски.
Во однос на турската поддршка за нашето членство во Алијансата, Савевски истакнува дека, и покрај големото залагање на Анкара, која е моќна членка во северноатлантската алијанса, Турција не може сама да нѐ зачлени во НАТО.
Како да се придобие Берлин?
Дипломатски извори оценуваат дека на Македонија ѝ е потребен стратегиски партнер, моќна членка на Европската Унија каква што е Германија, која ќе ја „протне“ во Унијата, како што тоа го стори со Словенија и со Хрватска. Според нив, за такво нешто веќе има основа најмалку поради два моменти. Прво, Германија е најголем трговски партнер на нашата земја, при што во трговската размена македонската економија лани оствари суфицит од речиси 400 милиони евра. Второ, Балканот и понатаму останува еден од главните фокуси на германската надворешна политика, поради што очите на Берлин ќе останат подолго вперени кон регионот. Сепак, според познавачите, германскиот интерес за регионот во моментов е повеќе насочен кон Србија, односно кон наоѓање конечно решение на косовското прашање, што може и да се увиди и по отвореното укажување на Берлин за српско признавање на Косово или барем нормализирање на односите со Приштина, како услов за отворање на вратата на ЕУ за Белград. И покрај тоа, тие сметаат дека Македонија мора да го искористи во своја полза германскиот интерес за средување на ситуацијата на Балканот, што во блиска иднина може да се покаже како клучно за продолжување на евроатлантските интеграции на нашата земја.
Москва му намигнува на Белград, гледа кон Скопје
Експертите укажуваат дека кога се зборува за формални и фактички стратегиски партнерства, од регионот особено е интересен случајот со Србија. Србија има склучено стратегиски партнерства со три држави - со Кина (2009 г.), Италија (2009 г.) и со Франција. Според нив, иако со овие три земји Србија има формално склучени стратегиски партнерства, соработката е на пониско ниво од онаа на релацијата Белград - Москва. Русија се појавува како де факто најголем стратегиски партнер на српската држава, а веќе подолго време се очекува тоа и да биде формализирано со потпишување договор. Српскиот претседател Томислав Николиќ и неговиот руски колега Владимир Путин пред неколку дена во Сочи меѓу другите теми разговараа за стратегиското партнерство меѓу двете земји, но, и покрај најавите на медиумите од Белград, не дојде до официјално склучување на договорот. Путин се очекува да го посети Белград во декември, кога би присуствувал во почетокот на работите на делницата од гасоводот „Јужен тек“ во Србија, чија должина е над 400 километри. Со таквиот чин, Кремљ ќе ги зајакне своите позиции во срцето на Балканот, но и ќе ја отвори можноста за склучување нови стратегиски партнерства со земјите од регионот.
Што се однесува до Македонија, официјална Москва знае оти нашето стратегиско партнерство со САД формално може да претставува пречка за потпишување сличен договор и со Скопје, имајќи ги предвид намерите на Вашингтон за спречување на ширењето на руското влијание на Балканот, но договорот за гасификација на нашата држава и изградбата на крак на гасоводот „Јужен тек“ низ Македонија, средбата меѓу Путин и Груевски за засилена економска и политичка соработка меѓу двете земји, само говорат во прилог на тезата дека Русија е важен енергетски играч во Европа и дека без нејзиното присуство и понагласена улога не можат да се решаваат клучните безбедносни, политички и економски проблеми.
Претставници на македонската влада и премиерот Груевски изминатиов период остварија повеќе суштински средби и со други земји од т.н. БРИКС - пред сѐ со највисоките политички лидери на Кина и Индија, но иако сме далеку од потпишување стратегиско партнерство со овие значајни глобални сили, факт е оти за посилна економска и инвестициска соработка со овие земји Македонија мора се повеќе да се отвора кон нив.
ЕУ има стратегиски партнерства со девет држави
Кога станува збор за стратегиските партнерства, интересен е примерот на ЕУ, која има склучено или работи на склучување на такви партнерства со девет држави. Станува збор за држави од повеќе континенти, кои сепак имаат заедничка карактеристика - силна финансиска моќ и развиени економии. Според официјалните документи на ЕУ, Унијата има стратегиски партнерски односи со Бразил, Канада, Кина, Индија, Јапонија, Мексико, Русија, Јужна Африка и со САД.
http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=914121719479&id=9&prilog=0&setIzdanie=22680
15.09.2012
Токму заради остварување на стратегиските цели, Македонија мора да го прошири кругот на земјите со кои ќе има таков вид партнерства, особено поради фактот дека евроатлантските интеграции се закочени поради спорот за името со Грција. Формални или фактички, тие се од суштинско значење за земји што не можат да се пофалат со голема економска и воена моќ, сметаат експертитеМАКЕДОНИЈА МОРА ДА ГО ШИРИ КРУГОТ НА СТРАТЕГИСКИТЕ ПАРТНЕРСТВА