За сите бугарски интернет тролови и за сите добронамерни Бугари кои би налетале на темава. Ако модераторот мисли дека трудов не е соодветен за темава, нека го брише постов.
НАЦИОНАЛНИОТ ИДЕНТИТЕТ И ЕТНИТЕТ КАЈ
ДРУГОЈАЗИЧНИТЕ МАКЕДОНСКИ ЛИТЕРАТУРНИ ТВОРЦИ
д-р Науме Радически
Универзитет „Св.Кирил и Методиј“, Скопје
Филолошки факултет „Блаже Конески“
I
Самото промислување на националниот идентитет, во најопшта смисла, подразбира зафаќање совистински предизвикувачки, но и со не малку сложени, а не ретко дури и тешко разрешливи и ризични прашања. Особенона просторите на југоисточна Европа, каде што сè уште се и поактуелни и поживи прашањата ако не толку за можно недовршените, тогаш и особено за планирано пренасочуваните и затемнети процеси во развојот на некои од националните култури, а со тоа и на самите нации – една вистинска гама од испреплетени национални и народносни процеси и односи во минатото (Мыльников, А. С., 1984: 220-226), ако не дури и невозможно можни прелевања на едни во други етноси. Најмногу, пак, дискусиите за тие прашања се подгреваат веќе со самото вадење на маса на аргументите на/за македонскиот национален идентитет и етнитет. Сложеноста на македонското национално прашање најшироко резултира од долговековната бездржавност и политичка потчинетост на Македонија. Во најдиректна причинско-последична врска со бездржавноста, пак, е не само отсуството на сопствени национални институции, особено на сопствен училишно-образовен систем, а посебно и најмногу од тоа неделивите оневозможености на природниот пулс и развоен ритам на македонската национална култура. Во прашање е, значи, долгорочната национална и социјално-економска обесправеност на Македонците, која во деловите на македонската етничка територија што се наоѓаат надвор од границите на Република Македонија не престанале ни до денес.
Се додадат ли на тоа уште и централната позиционираност на македонскиот народ на овој дел од Европа и особено долгорочните различни и континуирани дејства на сите и секогаш подобро позиционирани соседи за присвојување на македонски територии, а со тоа присвојување и на македонските национално-културни вредности, дури тогаш би можело да се тргне кон можно детектирање, се разбира, на претпоставките за, поради надворешните фактори, попречуваниот и усложнет национален развој на македонскиот народ. Со тоа, всушност, би се откриле далеку повеќе јазолните преплетувања на сметките и на интересите на во таа сфера заинтересираните и жестоко ангажирани соседи, а преку нив и на големите европски сили. Прашањето за македонскиот национален идентитет и етнитет извонредно успешно може да се разгледува низ објективот на оној дел од литературата на Македонците што настанува на други јазици. Така е бидејќи литературата може да биде најсуптилен регистратор на политичките игри на соседите врз националната свест и потсвест на Македонецот во изминатите два века. Респектирајќи ги сознанијата и ставовите во компаративистиката за примарноста на јазикот на кој е создаден текстот во определувањето на авторот и на делото кон една и(ли) кон друга национална литература (Доровски, И. 1995: 60) за нас сега и овде воопшто не се неважни ниту историските, политичките, социјално-економските, културните и особено психолошките околности во кои е настанато литературното дело. Посебно, пак, ни е важно во кои пошироки околности е остварена токму неговата предметна јазичност, односно кои се и какви се причините за неговата другојазичност или зошто не е реализирано на јазикот на народот од којшто произлегува авторот.
Сосема разбирливо дека камерниот карактер, како и работниот предмет на овој прилог, ниту имаат цел ниту пак можат да ја зафатат пошироко оваа и досега често и широко и авторитетно, а не ретко и не без предиспозиции разгледувана проблематика. Нашето сегашно внимание, затоа, е сконцентрирано исклучиво врз аналитичкото трансферирање на прашањето за националниот идентитет и етнитет од бескрајните политиколошко-социолошки теоретизирања кон живиот материјал што го пружа литературата. Затоа и се определивме за пристап и разгледување на ова прашање во делата и во личните примери барем на некои претставници на другојазичниот дел од македонската литература. Таа, пак, поради погоре спомнатите предуслови, широко се опредметува во XIX и уште повеќе во XX век и, колку што дава одговори на некои од извонредно чувствителните прашања на/во македонскиот национален развој, не помалку отвора и некои поспецифични и нови. Особено поради тоа што многу автори од македонски национален происход целосно, а некои само делумно, не само во минатото туку и денес сè уште се остваруваат не само на позициите на инојазичноста туку и на инонационалноста.
Во пристапот кон оваа проблематика не можеме да влегуваме несвесни дека националниот идентитет на литературниот творец и на литературниот текст не може да не се проблематизира веќе со самото тоа што се остварува на некој друг јазик. Особено, пак, и најмногу е така поради тоа што во својата другојазичност, на глобално рамниште, македонските автори се остваруваат како во својата, така и надвор од својата национална средина. Некои од нив на друг јазик се остваруваат во туѓи земји и во туѓи национални средини, а некои во делови од македонската етничка територија што се насилно приклучени кон некоја туѓа национална и државна организација. Така е, се разбира, кога е во прашање реализацијата на македонските творци на јазиците на соседните народи, но не е исто кога таа реализација е на јазиците на некои подалечни земји и народи. Позициите на македонската литературна другојазичност се усложнуваат веќе со самиот факт што во сите нејзини варијанти се работи за делумно или, што е исто така веројатно, во некои случаи и за целосно прекинување од неговиот примарен, уште подобро речено, природен комуникативен, рецепционен ареал. Во македонските специфичности на овој план, се разбира, има и некои финеси кои ќе настојуваме да ги детектираме понатаму, и тоа врз поконкретните примери на одредени автори и на нивните остварувања.
Па сепак, уште овде можеме да додадеме дека најпрво со нејзината јазична изместеност, а потоа и со изместеноста од својата примарна и природна територијална, егзистенцијална, а со тоа уште и социолошко-идеолошка и особено културна основа, македонската другојазична литература, односно литературата што ја создаваа или што – под некои околности и надвор од државно оформениот дел од македонската етничка територија – сè уште ја создаваат Македонците на други јазици (прашање кое, вообичаено, во светот не предизвикува толку многу потреси и возбудувања), претставува вонредно суптилен барометар, не само за сопствената национална идентификација на Македонецот во минатото и во современоста туку и на сложените состојби во кои се наоѓал или се наоѓа тој, особено надвор од неговата матична етничка територија.
При самото зафаќање со овие толку многу суптилни специфичности во долгорочното одржување на македонскиот национален идентитет, ако не дури и во опстојувањето на македонското национално битие, воопшто не сме несвесни за деликатноста, за недостапноста, ако не дури и за табуираноста на некои прашања и теми кои сè уште и никако не сакаат да останат како специфичност само за некои периоди од нашето подалечно или поблиско минато. Независно од тоа што на политиколошко-социолошки рамништа тие се постојано актуелни и постојано, со помала или со поголема резултатност, се говори за нив (Рудометоф, В., 2003). И не само што не остануваат во минатото туку, во духот на модерната и актуелна глобализација или лажна (де)вавилонизација на современиот свет, нè следат и денес. Во сето ова, не сме несвесни ни дека за да се пристапи аналитички кон прашањето за националниот идентитет и етнитет кај македонските другојазични писатели, како и кога би бил предмет на разгледување македонскиот национален идентитет и етнитет воопшто, претходно треба да се биде соочен или барем секогаш да се има предвид и воопшто не помалку сложената гама од познато-непознати недоречености во врска со идентитетот и етнитетот и на останатите народи на Балканот. И тоа е особено така поради тоа што тоа се, главно, оние народи на чии јазици, во за македонскиот народ редовно неповолни околности, се остварува еден голем дел од неговата литературна продукција.
Освен тоа, не толку проблемот на литературната другојазичност колку проблематиката на идентитетот воопшто, проблематиката на македонскиот национален идентитет бара аналитичката сонда да се спушта и многу подлабоко во минатото, ако не уште подлабоко, тогаш барем до/во времето кога во Македонија сè уште не беа активирани пропагандните експанзионистички машинерии на младите држави од нејзиното соседство. До толку млади и експанзионистички агресивни бидејќи беа создавани пред да бидат оформени нациите што требало да ги создаваат нив (Рудометоф, В., 2003: IX). Ова последново подразбира да се биде соочен со извонредно сложени прашања, а потоа правилно да се детектираат особено и пред сè насилните упади во процесите на македонскиот национален развој. Така е бидејќи тие секогаш биле со тенденција за дестабилизација на тие процеси, но и за промена на нивниот тек, т.е. за негово пренасочување кон другите национални текови и матици. Никако не би требало да се дезавуираат притоа, особено нивните истовремени интенции за можно чистење, бришење на сите траги што останале од нив како резултат на македонската препознатлива културна и духовна развојност. Воопшто не е непознато дека во прашање биле вистински идеолошки војни, за кои се чини дека денес немаат доволно слух ниту со воено-политичките процеси преоптоварената историографија ниту пак редовно со наднационални прашања, веројатно не без право, презафатената филозофија, не пак некои други аналитички дисциплини што не можат да им се посветат главно поради скоро финално исчистениот фактографски терен за соодветни аналитички шпекулации. Мноштвото актуелни дискусии и студии што настануваат во наше време, пак, знаат само за, од суровите дејства на историјата и на политиката, исчистениот простор, на кој одвај ако се препознава неговиот автентичен лик.
Големиот број литературни творци кои воопшто или делумно не создаваат на мајчиниот македонски јазик и дома, во својата национална средина, туку на наметнатиот јазик и јазик на нивното училиште, односно творци кои создаваат на официјалниот јазик на нивната втора или нова татковина, значи, се поконкретниот предмет на нашево сегашно набљудување. Се разбира дека воопшто не може да се исклучи ниту создавањето на јазик што би можел да се позиционира на рамништето на нужна, ако не и на обврзна прифатливост преку некоја друга одредница, а најчесто тоа е јазик кој е во некоја надредена позиција. Со насловот на овој прилог, меѓутоа, директно поставеното прашање воопшто не ни ветува и не ни помага на планот на некаква олеснителна ниту пак поконкретно насочена пристапност кон извонредно широко зафатениот работен предмет во прилогов што настанува. Особено доколку сакаме аналитички да се движиме до изнаоѓањето на некој можен одговор и на прашањето за одразот на практикуваната другојазичност врз свесната, а не помалку и врз латентната позиционираност на авторот по линијата на неговиот основен и примарен, а некогаш дури и навистина непроменлив, зошто да не, национален идентитет и ентитет. Така е бидејќи таквата сложеност најмногу и пред сè резултира од далеку посложените (особено во однос на соседните народи) состојби во кои опстојуваше и се развиваше македонскиот народ веќе во претходните векови. Попречувањата во неговиот национален развој беа особено тешкопоследични веќе во XIX век, времето кога многу и поблиски и подалечни народи далеку понепречено, послободно и посамостојно го започнуваа својот државен развој, а пред или паралелно со тоа, национално се дефинираа и се доизградуваа. Во XX век, пак, веќе на почетокот, покрај таквите атаци врз природните текови на националниот развој, македонската земја и македонскиот народ се соочија со делења и со масовни селења, а на одделни делови и со вистински геноцид.
Нашите сегашни тешкотии, дополнително и посебно се во врска уште и со недофатливиот квантум на другојазичната литература што ја создаваат Македонците во подалечното и во поблиското минато. Дотолку повеќе што станува збор за автори и дела што се реализирале не на еден, туку на повеќе туѓи јазици, како во сопствената земја, во татковината, далеку повеќе во многу поблиски и подалечни другонационални и другојазични средини, а со тоа уште и во секогаш извонредно различни околности. Во тие различни околности и би можело да се бараат основните предуслови за реализацијата на тие автори на некој или на некои од повеќето можни туѓи јазици.
Тоа значи дека, со намера за целисходно аналитичко промислување од конкретна аналитичка позиција, сега сме застанати пред еден голем дел од литературното наследство на Македонците настанувано во минатото. Пристапувајќи му, најпрво, en bloc, не можеме да не констатираме дека пред нас се испречува пред сè и особено неговата апсолутна несинхронизираност – во секој поглед. Тоа воопшто не е неочекувано, бидејќи во прашање е работна материја и проблематика со извонредно сложена и испреплетена хронологија. Тоа значи и дека застануваме пред проблемски сложените и за вистинска вредносна анализа не лесно податливи појави и вредности, не пак за една скоро невозможна систематизација на овој така крупен, а сепак специфичен дел од литературната продукција на еден делен и пределуван, на еден поробуван, раселуван и многустрано угнетуван народ. Тешкотиите во пристапот кон овој дел од неговата литературна продукција се во најдиректна врска, односно дел од глобалниот аналитички пристап кон него. Сето тоа нè води кон констатацијата дека на едно исто прашање, на прашање какво што е и прашањето на националниот идентитет и етнитет кај другојазичните македонски литературни творци, треба да му се пристапува за секој случај, т.е. за секој автор, а понекогаш и за секое негово дело, настап или позиција посебно и поразлично. Различно и за автори што создаваат во исто време, различно и за автори што создаваат на ист (туѓ) јазик или во иста другојазична, па и иста другонационална средина. Дотолку повеќе што, сосема очекувано, зависно пред сè од околностите и од притисоците, некои автори покажуваат различности на планот на своето национално идентификување, односно манифестираат промени од време до време или од едно до друго нивно остварување, јавно дејствување и слично.
--- надополнето: 12 септември 2012 во 19:23 ---
II
Извонредно широк радиус на проблемски детекции и на аналитички експликации е потребен веќе при еден само навидум елементарен и едноставен зафат на позициите во врска со националниот идентитет веќе кај некои македонски литературни творци од/во XIX век. Така е најмногу поради тоа што XIX век – и тоа на целиот простор на Југоисточна Европа – сè уште не можеме да го набљудуваме, ниту пак да го дооткриваме или преоткриваме поинаку, освен како еден, на прв поглед нетипичен развоен вртеж, во кој се испреплетуваат цел ред процеси низ кои се дефинираат, или се редефинираат ред народносно-национални развојни процеси и субјекти. Таквиот вртеж, поедноставен како актуелна мапа на идеи, е карактеристичен, помалку или повеќе, за сите народносно-национални средини на Балканот, особено за оние што влегуваат во, или што го сочинуваат јужнословенскиот ареал како негов централен и најголем дел. Но, така е особено и до колку овој простор се набљудува en bloc и до колку не се имаат предвид развојните специфичности на секој народ од регионот посебно. Така е и до колку не се знае и до колку не се чита посуптилно и аналитички она што на овој план се случуваше и во текот барем на неколкуте претходни векови.
Ова последново е нужно да се рече, т.е. да се има предвид за да се допре особено до вистинските состојби на македонскиот културен простор, со оглед на неговата најнеповолна, централна, просторна позиционираност на Балканот. Веројатно нема да бидеме многу далеку од вистината ако констатираме, ако речеме дека таквата неповолност најмногу ги збунува, ги изместува и дестабилизира токму македонските творци во XIX век. Тие беа изложени на дејствата на моќни надворешни фактори, при што се засегнати, ако не и зафатени во некои подолгорочни и територијално пошироки инонационални и инојазични културни процеси. Некои како да биле дури и предодредени да бидат производ, дериват и однапред дадени жртви на/во/за/од тие пошироки и инонационални процеси. Дека главните потези во тие процеси ги влечеле, а со тоа и ги насочувале или ги пренасочувале уште во тоа време, веќе далеку поповолно позиционираните соседи и нема што да се зборува. Воопшто не е ни чудно што во XIX век, дури и пред довршувањето на процесите на национално осознавање кај нив, поповолно позиционираните соседи ги формираа нивните (национални) државни творби.