Ексклузивно: Македонскиот голман Дејан Илиев потпиша за Арсенал!
Голманот
Дејан Илиев, македонскиот младински фудбалски репрезентативец потпиша договор со англискиот премиерлигаш Арсенал, дознава ексклузивно
МКД.МК. Според информациите од Англија, Илиев денеска потпишал договор со „топчиите“ и тоа во присуство на менаџерот Арсен Венгер, кој бил импресиониран од квалитетите на досегашниот чувар на мрежата на струмичка Беласица.
Илиев стана член на еден од најголемите европски клубови
Инаку, Илиев, кој настапува за македонските селекции до 17 и до 19 години, веќе подолго време се наоѓал во Лондон, каде што тренирал со помладите категории на Арсенал, но и со првиот тим. Англискиот гигант долго време директно го следел Илиев на натпреварите на Беласица и тоа преку скаути испратени од самиот Арсен Венгер.
Според најавата, официјалната промоција на Илиев треба да се случи деновиве во Лондон, а тој ќе има право на настап веднаш, иако малку е веројатно дека ќе биде прекомандуван во првиот тим. Според досегашната практика на Арсенал, младите фудбалери со кои потпишуваат договори или настапуваат за резервниот состав или ги праќаат на калење во некои клубови од пониските дивизии.