Ѓоргиев: Денарот е и ќе остане стабилен
Не постои опасност од загрозување на курсот на денарот, тој е стабилен, граѓаните треба да бидат спокојни, изјави денеска портпаролот на Владата Александар Ѓоргиев одговарајќи на новинарско прашање за влијанието на европската должничка криза во регионот на Југоисточна Европа и курсот на валутите на балканските земји.
“Сакаме да потврдиме и да увериме дека курсот на македонската национална валута е стабилен и оти политиките на монетарната и фискалната валст ги даваат своите резултати. Не постои опасност од загрозување на курсот на денарот, а доказ за тоа е и растењето на штедењето во денарски депозити“, вели Ѓоргиев.
Според него, за стабилноста на македонската валута говори и податокот што од почетокот на годината Србија за бранење на курсот на својата валута динар има ангажирано милијарда и двесат милиони динари, а Хрватска 780 милиони долари за бранење на куната.
“Република Македонија нема ангажирано пари за бранење на курсот на денарот затоа што тој е стабилен. Тоа докажува дека водиме добра фискална и монетарна политика, а се интервенира и на начин што обезбедува дополнително засилување на курсот на денарот, без притоа да се ангажират дел од девизните резерви. Курсот на денарот е стабилен и ќе продолжи така, а граѓаните треба да бидат спокојни“, вели владиниот портпарол.