Дајте бре рецепт за тулумби, само да не е со оштро брашно пошо нејќу продавачката да ја доведам у ситуација да ја испитува оштрината на брашното
HITCH ?
Јас ги правам со она „Воденичар“, јас додуша се` шлакам со него, не го користам тоа жолтото од Жито Лукс.
Само да си знаете ретко се погодуват од прва, ќе имате многу чудни форми и големини.
Некои `ко кифли ќе бидат дур да им фатиш ред.
Не знам како мериш затоа ќе ти пишувам грамови, шолји и чаши.
Потребно: 6 јајца, 300 гр. брашно (по потреба ќе си доставаш), пециво, ванилин шеќер, 400 мл вода, 130 мл (шолја за кафе) масло, кило шеќер, 1 лимон и многу малку сол, на врвот на лажичката. Баба ми, Бог да ја прости, беше мајстор за готвење, благо, солено... немаше утка кај неа! Нејзин совет ми е: ако правиш благо со брашно, тогаш на врвот на лажичката ставаш сол. Се` едно што е благо, посебен вкус му дава, а нема да се осети. Затоа секогаш во брашното ставам многу малку сол.
Шербетот го правам малку потенок од оној за баклава, ама може малку подебел од оној `ко за пиварките. Значи по желба. Финта за шербетот: 15 минути пред да го извадам шербетот ставам пола лимон да се вари во шербетот. Лимонот си пушта од сокот и шербетот ми има поубав вкус. После со вилушка го вадам лимонот и може да си го исцедам, скоро никогаш не завршува у канта. Мајка ми го цеди, а јас отпосле го доупотребувам.
Шербет: Ванилин шеќер, кило шеќер и 600 мл вода.
Приготвување на тестото за туљумби:
Брашното го мешаш со пецивото и со солта и го тргаш на страна. Водата со маслото и со едната половина убаво исцеден лимон ги вариш убаво да проврие и тогаш го тргаш од рингла. Додека е жешко наеднаш го тураш брашното и мешаш со дрвена лажица за да се соедини. Откако ќе го измешаш убаво го оставаш да се подизлади, околу 10 - 15 минути. Откако ќе се олади смесата јајцата ги доставаш едно по едно. Јас да ти кажам право, претходно убаво ги матам со вилушка сите заедно, па после полека само ги дотурам, ама многу полека за да се измешаат поубаво... Кога ги доставам јајцата ги мешам со миксер, за поубаво да се соединат и да нема грутчиња (а некогаш и со рака, миксерот е за побрзо и почисто). Откако го измешаш убаво полниш во шприц и пржиш. Масло ставаш `ко за компир пржење, ама, да ти кажам право, јас сум мрзлива да ги пржам, па ги печам у рерна, ем заштедувам и на масло, ем набрзинка е.
Голема длабока тепсија си ја мачкаш со масло ставаш хартија врз неа и со шприцот само ги редиш, а меѓу нив оставам место `ко за пиварките што се остава место, околу 2 прсти одалечени. Рерната ја загреваш на 250 степени, штом ги ставиш намалуваш на 200 и штом заруменат ги допекуваш на 180, колку да се зорат внатре. Околу 40 минути ќе треба да се печат, а зависи и од шпоретот. И воздржи се да не отвориш, мене ретко ми успева.
Жешките туљумби ги потопуваш во оладен шербет.
Сега да ти ја кажам најјаката финта што ми ја кажа една другарка. За да не ти бидат со чудни краеви туљумбиве, `ко завиткани бомбони, оти со шприцот мора да прекинеш некогаш, засекуваш со ноже. На пример, ставаш смеса во шприцот, шприцаш и штом ја постигнеш големината со ножето ја сечеш, а не `ко мене да ја вртиш `ко ласо.
Така ќе ти бидат поубави на изглед.
Инаку, кај пластичарите има калапи за туљумбиве, ама не знам по која цена се.
Јас со готварски шприц ги правам, ако ти се иде некој ден да ги ѕирнеме call me. Ако имат питанце, повелете.
Со финтиве Магдинчев не ми е рамен!