„Високи октани“ на хуманоста со Каролина Гочева
Kај градинката „Бели Мугри“, на ул. „Ацо Караманов“ бб, на 7 јуни се означи првиот од вкупно трите пешачки премини во општина Центар, како дел од проектот за поголема безбедност на децата во сообраќајот, во организација на автомобилското шоу „Високи октани“, со донација од Кроација А.Д. - Друштво за неживотно осигурување.
Промотивното означување го направи македонската поп пејачка Каролина Гочева, во придружба на актерката Јелена Јованова, водител на емисијата „Високи октани“. Тие ги поздравија децата од градинката кои ја набљудуваа акцијата со нивните воспитувачки и Директорката на градинката. Меѓу присутните беа и Градоначалникот на општина Центар, г-дин Владимир Тодоровиќ и генералниот директор на Кроација А.Д. - Друштво за неживотно осигурување, г-дин Драган Лазарески, кои срдечно ја поддржаа акцијата.
„Ја поддржуваме оваа одлична акција што за вторпат екипата на „Високи октани“ ја спроведува во рамките на оштина Центар. Минатата година беа обележани и освежени и други три пешачки премини пред градинки и училишта и би сакале традицијата и понатаму да продолжи и да се прошири“, изјави Градоначалникот на општина Центар, г-дин Владимир Тодоровиќ, со многу ентузијам за хуманата акција.
Генералниот директор на Кроација А.Д. - Друштво за неживотно осигурување, г-динот Драган Лазаревски исто така изјави: „Се надеваме дека Кроација осигурување ќе постави пример и за останатите македонски компании да се приклучат кон слични акции. Одбележувањето на денешните пешачки премини е еден од многуте проекти на компанијата за изразување на општествената одговорност, а ќе продолжиме и во иднина. Срдечно ја поздравуваме иницијативата на „Високи октани“ и сме среќни што сме дел од ова.“
Во рамките на општествено корисните акции, екипата на нашето и ваше автомобилското шоу, традиционално, по вторпат го реализира проектот за безбедно учество на децата во сообраќајот, а истиот ќе продолжи и во другите скопски општини. Познатите личности, кои се идоли на најмладите, а воедно и пријатели „Високи октани“, исто така, ги поддржуваат овие акции. Во минатата сезона Марко Новески и Ана Зафирова означија зебри во општина Центар.
Локациите кои оваа година се означени и освежени во општина Центар се: БЕЛИ МУГРИ-работна единица, ул. „Ацо Караманов“ б.б. (зад ОУ „Кочо Рацин“), ОУ „Кочо Рацин“ (на ул. „Салвадор Аљенде“), НАУМ НАУМОВСКИ БОРЧЕ-работна единица, ул. „Борка Талески“ бр. 50 (позади Универзална сала).
Посебна благодарност упатуваме и до професионалната екипа на „Виа сигнал“, компанија за сигнализација и outdoor рекламирање, кои го изведоа означувањето на сите три локации.