Тоа што го доживеав во саботата го надминува секој вторник и петок со пензионерите заедно. Се качувам кај Бисер во двокатна 5-ка. Кај Банките, карши Веро, се качува една плава тетка и еден средновечен дебел маж. Типов се качува на спрат и седнува одма позади мене. После него се качува теткава и му вика: „Ајде сега да ми го вратиш новчаникот инаку ќе те пријавам во полиција“. Беше толку смирена што ме збуни што уствари се случува. Типот целиот се вознемири и вика: „Земи го ма, не ми треба...“ и го фрла на земја. Типква го зима и вика дека ќе го пријави во полиција. Како што се симнува по скали, типов се затрча по неа и вика: „Кого ќе пријавуваш ма ти во полиција?“. Во истиот миг изрипа еден маж, а по некое време се симнав и јас. Се крена галама доле, мажов го фати за рака лоповот и го притисна блиску до шоферот. На автобуската карши Југо Дрво, глупиот шофер не почека да биде викната полиција туку ја отвори вратата. Во гужвата како се качуваа и излегуваа луѓе, лоповов успеа да се извлече од човекот кој го држеше и јас, како што стоев на врата, во обид да го задржам внатре ги побутнав и притиснав сите за да создадам штит. Ама, успеа да се протне и излезе. Илегов јас и типот што го држеше. Лоповов цел во паника се оддалечи малку и не знам како успеа да извади џебно ноже заканувајќи ни се да не се приближуваме. Албанките што беа во тој дел од автобуската се разбегаа... Јас тука мислам дека се изгубив веќе... Типов се сврте и почна да трча мутаво низ тревата кон уличките што се позади автобуската.
Никој друг во автобус не се потруди да направи нешто. Само една теткица на спрат промрче дека „во вакви моменти ние треба да бидем солидарни со госпоѓата [плавата] и да го спречиме крадецот“ и при тоа не мрдна ниту со мало прсте. Се прашувам што ќе беше ако човекот продолжеше да го држи крадецот во автобус. Можеше таму да го извади ножот и да повреди некого... Во полиција сигурно не е пријавено. Но сепак има камери во двокатните автобуси. Типот седеше на третото седиште, веднаш до скалите, што најубаво се гледа на камерата...
После, кога се качив во 67-ца цело време се припазував како луд некој да не проба да ме ограби...