На тој линк пишале за 10000 вработени
Владата најави околу 10.000 нови вработувања
Со серија нови 12 мерки, Владата на Република Македонија им излегува во пресрет на граѓаните.
Во време кога во цела Европа се намалуваат пензии и плати, се зголемуваат даноците и луѓе се отпуштаат од работа, премиерот Груевски најавува 4 мерки за намалување на невработеноста.
Имено, во мерките за вработување кои денес ги најави претседателот на македонската Влада, се очекува да се вработат од 6000 до 8000 лица. Дополнително, се предвидени уште 2000 вработувања, кои вкупната бројка на нови работни места ќе ја искачат на 10.000.
- Мерките се внимателно одбрани и соодветно проектирани во услови кога има кратења во некои ставки од Буџетот. Реални се и остварливи и не се плод на политички памфлетизам, нагласи Груевски.
Со првата мерка, 4000 граѓани ќе бидат вработени во соработка со општините. Првите 2000 лица кои од оваа мерка ќе добијат вработување, ќе се вработат во општините со поголема невработеност. Предност ќе имаат подолго време невработени лица, на возраст од над 55 години, со можност за долгорочно вработување. Дополнително 2000 нови работни места ќе се отворат во договор со градоначалниците.
Втората мерка ги опфаќа вработувањата во фирмите отворени со кредити за самовработување и со акредитирање. По 3000 евра ќе се обезбедат по лице за формирање на мал бизнис. Парите ќе се враќаат со само 1 отсто камата во времетраење од 3 години, со една година грејс-период. На овој начин се планира работа да добијат 2000 лица.
Илјада лица ќе бидат вработени со третата мерка за вработување преку познат работодавач. Ќе аплицираат лица на возраст до 27 години, а ќе минат прво низ обука за практиканство. Агенцијата за вработување ним ќе им исплаќа по 4000 денари месечно додека се на обука. Предност ќе имаат лицата со образование и вештини блиски до потребите на работодавачот. Тој ќе треба да вработи најмалку 50 отсто од оние кои ќе минат обука.
Со четвртата мерка за вработување, планирано е вработување на 1000-1500 граѓани. Владата ќе обезбеди 850 хектари државно земјиште во 24 региони на социјално необезбедени лица. Земјата ќе се доделува на лица способни за работа, материјално необезбедени. Ќе се објави јавен повик, а доделувањето ќе се врши преку бодување (поголемо семејство, самохрани родители, инвалидизирани лица....).
Со спроведување на овие 4 мерки за вработување, Владата ќе обезбеди егзистенција на 8000 македонски семејства.