Струмичани, да не сте мислеле на Василево...
Василево стана македонската Инџија
На руралната струмичка општина Василево по бројот на инвестиции може да и позавиди и Бунарџик. За шест години општината привлече над 125 фирми од земјава и од странство, а веќе создава место и за нови. Во општината, која по многу работи наликува на војводинската Инџија, одат и чекор понапред. Наголемо се прават планови за развој на туризмот
Деновиве во општината Василево наголемо е започната пролетната сезона на садење домати и зелка. На ретко кој од овој крај земјоделската работа, која важи за прилично тешка, му носи некое задоволство и исполнување. Сите сакаат да работат нешто друго.
„Кој би сакал да се пече на сонце по цел ден за ситни пари? Секако дека сакам да работам во некоја фирма. Што било, само да не е мотика во прашање“, вели Горан, кој како и неговата фамилија, цел живот се занимава со земјоделство.
Индустријализацијата на оваа општина, во која влегуваат 18 струмички села со 12.122 жители (според последниот попис), која почна пред шест години, им нуди одлична можност од земјоделци да се преквалификуваат во нешто друго. Овде веќе неколку години функционира индустриска зона со 85 фирми, од кои 70% веќе функционираат, па жителите на Василево имаат шанса да се испробаат како работници во фирми од дрвната и од текстилната индустрија, во фирми кои преработуваат земјоделски производи или произведуваат бојлери, сечат метални плочи, на бензинска, во хотел...
Индустриската зона навреме ги обезбеди сите потребни инфраструктурни нишани, а тоа, комбинирано со добрата позиција, на селото Василево му донесе еден куп инвеститори од земјата и од странство.
„Многу сме задоволни од соработката со општината. Ни излезе во пресрет за с$ што имавме потреба“, вели Сања Смилјановска од фармата во која се одгледуваат мисирки, нетипични домашни животни за овој крај. Месото од мисирките е наменето 80% за извоз во Албанија, а фармата моментално има околу 60.000 мисирки.
Еден од условите за инвеститорите, кои од менаџментот на зоната добија 30% попуст за комуналии и имаа можност да ги купат парцелите за едно евро по метар квадратен, е во фирмите 30% од вработените да бидат од локалното население.
„Секако дека тие фирми ќе имаат потреба од инженери и од експерти, зависно од дејноста. Во тоа не им се мешаме. Нека донесат луѓе од каде сакаат. За нас како општина е важно да биде работно ангажирано и локалното население“, вели Ванчо Стојанов, градоначалник на Василево...
http://www.kapital.mk/MK/makedonija/81284/vasilevo_stana_makedonskata_indzhija.aspx