...Петок (12 август 2011 година), членови на ДСП „Ленка“ ќе поднесат четири ургентни претставки до Уставниот суд на РМ против најновите измени и дополнувања на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, и една претставка против измените на Законот за здравствено осигурување. По тој повод, претставник на правниот тим на „Ленка“,
пред зградата на Уставниот суд, во 12:00 часот, ќе даде
изјава за медиумите.
Јавно ги повикуваме невработените лица да не брзаат со фамозната пререгистрација пред службите на Агенцијата за вработување или на шалтерите на Фондот за здравствено осигурување, бидејќи поради штетноста на овие законски измени, а веднаш по завршувањето на годишните одмори на уставните судии – во пакет со претставките, под итно бараме и донесување судска
времена мерка за суспензија на примената на овие два катастрофални закона, поточно инсистираме на носење
решение за запирање на извршувањето на поединечните акти и/или дејствија што се преземени, или што допрва ќе бидат преземени, врз основа на конкретните оспорени законски одредби.
***
Проблемите во оваа сфера започнаа во 2008 година, кога се намалија
придонесите од плата кои ги плаќаат работодавачите во ФЗОМ:
стапката за здравствено осигурување беше намалувана сукцесивно во три навратa: од 9,2% на – 7,5% во 2009 год.; 7% во 2010-та и 6% од 2011.
Но, иако во меѓувреме, бројот на осигурениците
активни работници статистички порасна, тоа не доведе до зголемување на приходoт на ФЗО врз оваа основа – што беше и главната цел на „реформата“, која денес го доживува сопственото фијаско. Напротив, во периодот 2008–2010, дојде до огромно
намалување на приходите на Фондот за над 1.880.970 ЕУР и тоа само по овој основ! За дополнително влошување на ситуацијата придонесе и необјаснивото
зголемување на расходите за администрирање на Фондот, во истиов период, за рекордни 1.437.025 ЕУР.
При ваква алармантна ситуација, наместо ресорните министерства и Владата на РМ сериозно да ја преиспитаат својата „развојна“ политика на намалување на придонесите, тие се одлучија за една класична
неолибералистичка доктрина која е уште попогрешна и само ќе го продлабочи јазот на
класно раслојување меѓу народот. Имено, појавената финансиска „дупка“ во буџетот на ФЗО надлежните институции се обидуваат да ја санираат преку отежнување на можноста социјално најранливите категории граѓани да добиваат ‘сини картони’ за своето лекување!?
Со други зборови, на газдите сега им се овозможува дополнително да се збогатуваат на грбот на работниците – плаќајќи помал придонес; а се прави обид, проблемот на недостиг од парични средства, што се отвора поради ваквата лоша практика, да се реши со драконско намалување на правата на посиромашните членови на општеството. На овој начин, примитивно се декларираат евидентни
класни преференци: државата застанува во навивачка улога
во корист на интересите на богатите (кои стануваат уште побогати), а против правата на сиромашните (кои стануваат уште посиромашни)!
*
Куриозитетот на овие промени е во тоа што, за прв пат во повоена АСНОМска Македонија и во дводецениската историја на независна РМ, се воведува званично и институционално класифицирање на невработените на
пет нови општествени [ниски] класи – во зависност од нивните колективни
семејни приходи, со недозволива дискрепанца во третманот на нивната правна положба во осигурителниот систем.
Ваквата контроверзна операција на
државна стратификација, која е изрично забранета од уставно-правен аспект, всушност значи официјално „класирање“ на сопствените граѓани и нивно групно сведување на ниво на 'сталешки поданици', во зависнот од
имотната положба – нешто што, компаративно гледано, е невидено и нечуено во современите европски и цивилизирани општества!
Згора на сè, се воведува и
нова јавна давачка исклучиво за сиромашните слоеви од населението – па тие, во иднина, ќе треба самите да си го плаќаат придонесот за задолжително здравствено осигурување!?
Исто така, овие конфузни измени се правно инкомпатибилни со уставно-загарантираните концепти на
социјална држава, хуманизам, социјална правда и солидарност, како и со неприкосновеното
право на здравствена заштита на сите граѓани – без исклучок!
Да биде иронијата поголема, законодавецот, во паниката да го спаси Фондот од банкрот, ги избриша невработените како осигуреници на здравствено осигурување само во двата горенаведени [оспорени] закона, а притоа ‘заборави’ да ги избрише од други два постоечки закона: Законот за здравствена заштита (1991) и Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност (1997) – со што флагрантно ја загрозува
правната сигурност на граѓаните, на штета на темелниот принцип на
владеење на правото, затоа што овие четири закони се паралелно-важечки, а очебијно контрадикторни и меѓусебно неусогласени.
извор:
http://lenka.mk/mk/soopstenija/87-soopstenie-ukinuvanje-na-sinite-kartoni.html
многу добро Ленка, само напред! Ќе ги преебат на Уставен!