jamajka
mode: Calm
- Член од
- 28 април 2007
- Мислења
- 19.498
- Поени од реакции
- 27.317
еве го целиот текст:
http://www.dw.de/dw/article/0,,15964165,00.html?maca=maz-rss-maz-pol_makedonija_timemk-4727-xml-mrss
http://www.dw.de/dw/article/0,,15964165,00.html?maca=maz-rss-maz-pol_makedonija_timemk-4727-xml-mrss
Македонскиот премиер Никола Груевски во интервју за агенцијата МИА зборува за Македонија и НАТО, проблемот со Грција, дипломатските игри без граници и објаснува зошто не заминал за Чикаго.
„Македонија нема да добие покана за прием, која и според меѓународното право, но и според сите нормални човечки морални норми и принципи и достигнувања ја заслужува. Од сите страни со месеци ни испраќаат информации кои ги добиваме сите во државниот врв и се во ист правец, дека на покана во НАТО не треба да очекуваме“, вели во интервју за МИА македонскиот премиер Никола Груевски, образлагајќи зошто не заминал за Чикаго на самитот на НАТО.
Нагласувајќи дека проблемот не е само проблем на Македонија, туку и на Алијансата, и тоа поголем од само формален, Груевски вели:
„Кога говорам за тоа да се биде во Чикаго, свесно велам присуство, а не учество. Самитот е самит на земјите членки, ние сме само кандидат, кој кога им е потребен го користат, а кога нам НАТО ни треба, добиваме лекции по политика и по важност на принципот на солидарност и консензус, и тоа во смисла дека во политиката нема правда кога станува збор за односот на помоќниот кон помалку моќниот. Потоа ние треба да имаме чуство на вина дека тоа не сме го знаеле или разбирање дека така е тоа во политиката, нема правда или неправда, има реалност или интереси. Ова е класично извитоперување на суштината и основната цел на политиката, според мене, а тоа е да се создаваат вредности, а не само и по секоја цена да се штитат материјални интереси... Наместо ние да сме лути, тие нам ни се лутат зошто воопшто се лутиме на неправда, која доаѓа од големите сили“.
На забелешката дека шефот на дипломатијата ќе биде во Чикаго, премиерот Груевски одговара:
„И министерот и претседателот, и амбасадорот во НАТО и куп луѓе со нив. Јас лично да бев на местото на Претседателот немаше да отидам, а не сум сигурен дали и министерот требаше да биде таму во услови на едно такво игнорирање од НАТО во овој изминат период, можеби неговиот заменик ќе беше реално наше присуство наспроти очигледната незаинтересираност на најмоќните земји на НАТО кон Македонија и очигледната нивна заинтересираност по секоја цена да и‘ бидат на услуга на Грција, преземајки товар, ако воопшто го чуствуваат како товар, на крајно непринципиелно и некоректно однесување кон земја за чие членство ја малтретираат со години, а секогаш ја канат кога им треба, дали тоа е во моменти кога им треба за логистичка база како што беше при интервенцијата во 1999 година кон Србија, или кога требаше да бидеме во Авганистан, во Ирак, и други настани каде им требаат сојузници, им треба нашата војска, нашето присуство, нашето знаме, нашата одлучност“.
Македонскиот премиер вели дека има политика на двојни стандарди:
„Не знам со кое лице ни се обраќаат одредени преставници на некои водечки земји членки на НАТО, или пак со кое лице не‘ оговараат по кулоарите дека сме пропуштиле некаква шанса со Папандреу, и слични дипломатски фрази, од кои, верувајте ми, заради тоа што се крајно непринципиелни, ми доаѓа мачнина кога ги слушам. Таква дволичност, таква политика на двојни стандарди, таква непринципиелност и оддалечување од вредностите за кои јавно се залагаат, одамна како преседан го немам забележано, како што е во случајот со Македонија, каде како капак на се‘ дојде и пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг во недвосмислена наша корист. Знам дека некои политичари и дипломати не ги засега што непринципиелно делуваат, бидејќи сметаат дека се доволно силни за да го прават тоа и никој ништо да не им може, но има едно правило што секогаш кога некој во континуитет непринципиелно се однесува, со тек на време сите негови сојузни, пријатели и соработници ќе ја загубат довербата во него. И кога го велам ова, не сакам да се сфати дека важи за сите, бидејќи во НАТО има многу земји, политичари и дипломати кои отворено, искрено и недвосмислено, па дури некои од нив и мошне јавно не‘ поддржуваат и говорат искрено и принципиелно. Кога навистина има потреба и сме заслужиле знаат да не критикуваат, но секогаш се држат до принципите наспроти голиот интерес. И тука би сакал да им се заблагодарам од срце на сите наши искрени пријатели, кои не‘ поддржуваат и се борат за нас наспроти сите предизвици“.
Главен виновник за ситуацијата во која се наоѓа Македонија, според Груевски, е Грција:
„Недвосмислено тоа е земја која во последните две децении со сите сили го кочи нашиот развој и напредок, вложува огромни ресурси во тоа, троши огромен политички кредит, и прашањето со нас го користи пред се’ во внатрешно политички цели и популистичка пропаганда. Се со единствена цел, да се смени името на државата, името на нашиот народ, името на нашиот јазик, и севкупно нашиот идентитет. Додека го замајуваа народот во Грција со покажување на мускули кон нас, со загорчување на иднината на два милиони народ, кои се пред се’ луѓе, а потоа и соседи, еве на очиглед на цел свет гледаме што правеле зад сцената, и во каква ситуација ја донесле својата земја“.
Според Груевски, само покана за членство во НАТО е добар заклучок од самитот, а се‘ друго е „фрлање прав в очи“:
„Заклучоците се дипломатска игра без граници. На крајот победува интересот и силата. Тоа е ситна утеха на големите сили кога ги обесправуваат помалите. Им даваат некаков заклучок како надеж, и како средство за контролирање на длабоката фрустрација предизвикана од неправдата. Иако мислам дека нема да сменат ништо од формулацијата во Букурешт, еве дури и да остане стариот заклучок од Букурешт, и да смислат нов, со какви и да е фрази, нема ништо да значи, барем додека една, или најмногу две до три земји членки на НАТО, оние најмоќните, не решат и одлучно не се спротистават на политиката на Грција карактеристична за 19- тиот век, и спротивна на се’ што говорат, прокламираат и декларираат најважните, најмоќните и клучни земји членки на НАТО. Затоа велам дека каков и да е заклучокот освен покана за членство нема со ништо да реално да ја смени ситуацијата. Па потоа ние треба тука да се радуваме и со недели да го дебатираме заклучокот, и на крај да заклучиме дека Америка, Германија, Франција и други ни се големи пријатели, и да сме многу среќни, и уште да се чуствуваме должници за тоа“.
На прашањето дали смета дека тие не и‘ се пријатели на Македонија, Груевски одговара:
„Не е ова прашање на пријателство и добри намери, за жал ова е прашање на интерес и класична демонстрација на сила. За жал во меѓународната политика во ова време се чини како да нема пријателства, или како тој збор да ја губи важноста, очигледно има само интереси... Ако инсистирате на зборот пријатели ќе го прифатам и во тој дух ќе ви одговорам. Ги сметам за наши пријатели, но истовремено истите се поголеми пријатели на Грција. Така било во изминатите 21 година, и затоа Грција 21 година успева да не‘ малтретира до крајни граници, без да се соочи со сериозни последици. Да беше обратно, на пример, ако Грција не извршеше исполнување на одлука на меѓународен суд кон Америка, Германија или Франција, ќе се соочеше со санкции на Советот за безбедност“.
Македонскиот премиер е убеден дека меѓународното право се спроведува селективно. Околу принципот на солидарност во НАТО, пак, вели:
„Никаде во актите на НАТО не пишува дека сите земји треба да се солидарни со една земја членка ако крши меѓународно право, ако нанесува неправда на друга земја. Тоа не е солидарност. Зборот солидарност се користи за други прашања. На пример, ако една земја е нападната однадвор, тогаш сите се вклучуваат во нејзината одбрана. И видете, не сакам сега сето ова да изгледа како јас да држам предавања на големите сили или да звучам патетично. Не. Јас сум должен пред својот народ да ја кажам вистината. И вистината е буквално ваква“.
Одговарајќи на прашањето „за кои интереси станува збор во случајот со Грција“, Груевски вели: „Ги има многу, од гласања на дијаспора во друга држава, до финасирање на кампањи од грчки милијардери, огромни набавки на оружја, односите внатре во ЕУ каде секој секого може да блокира за се‘ и сешто, или пак да подржи за се‘ и сешто, листата е долга“, вели меѓу другото во опширното интервју за агенцијата МИА, македонскиот премиер Никола Груевски.