Се спроведува ли црното сценарио на радикалните исламисти?
Најава за нови масовни протести против операцијата Монструм се шири на социјалните мрежи. Исто како и на петочните протести во Скопје и сега нема формални организатори на новите демонстрации кои треба да се одржат во Скопје, Куманово, Тетово, Гостивар, Кичево, Дебар и Струга. (обновено во 18.28ч.)
Демонстрантите повторно треба да се соберат по петочната молитва во локалните џамии по што ќе се протестира пред државни институции и судови. Дали новите протести се дел од црното сценарио кои пред неколку дена го објави интернет порталот теухид.нет кој се занимава со религиозни прашања поврзани со Албанците во регионот.
Според планот кој на овој портал го објавува Шукри Алија кој беше дел од црната листа на Европската унија поради неговите залагања против Охридскиот договор, масовните протести се втора точка од сценариото кое има 7 точки.
Според првата точка, албанските муслимани не треба да станат робови на медиумите. Тие треба да се информираат соодветно и за таа цел да се користат социјалните мрежи.
Во третата точка Алија препорачува протестите да ги водат млади луѓе кои не се под словенското влијание.
Според четвртата точка протестите не смеат да ги водат луѓе кои имаат партиски интереси било да се од власта или од опозицијата и кои ќе одговараат за криминалот кој бил сторен од нив против Албанците муслимани со благослов на славјанската влада.
Во точката број пет следбениците на Шукри Алија и радикалните исламски струи треба да ги блокираат полициските станици во местата населени со албански муслимани.
Во точката 6 од планот на Алија се најавува откривање на идентитетот и адресите на сите полицајци Албанци или муслимани кои по било која основа соработуваат со македонските власти.
Во последната точкаАлија бара во спроведување на сите овие активности да помогнат и оџите и муслиманските лидери. За да се реши проблемот за муслиманите стар со векови луѓето мораат да бидат инспирирани од арапската пролет и балканската пролет која започнува во Македонија се вели во текстот на гласилото на исламските радикали. Инаку Шукри Алија според македонското МВР беше дел од групата која во 2005 ги претепа умерените имами во Кондово, а заедно со Рамадан Шити кој се самоуби за време на операцијата на МВР во Бродец му се судеше и за убиство на таксистот Зоран Трајковски кај Визбегово. По Шукри Алија се трага и поради учество во нападите на полициските станици на Бит пазар и во Вратница. Се претпоставува дека Шукри Алија е на Косово од каде што го објавува и овој план за акција на македонските радикални исламисти.