Експертите се сомневаат во ефикасноста на МВР
Исламски радикализам или смислено сценарио за дестабилизација на државата?
Експертите гласни во своите размислувања - каде затаија институциите на системот при откривањето на сторителите?
Според професорот Владимир Пивоваров, некогашен прв човек на военото разузнавање, крајно време е државата да се фати во спрега со радикалниот исламизам кој според него веќе 2 децении е сериозна закана за Македонија.
Сепак, се сомнева дека полицијата има капацитет да се справи до последните случувања.
Прво, поради отстранувањето на голем број професионалци од нејзините редови.
Второ, поради отворањето на досиејата по конфликтот и со лустрацијата, што според Пивоваров, доведе до губење на многу доверливи информации кои сега можеа да помогнат во расветлување на случајот.
Дали се фатени вистинските убијци се сомнева и аналитичарот Рамадан Рамадани.
Тој вели дека штури се објаснувањата на надлежните дека станува збор за терористичка група, бидејќи убиството дошло без никаква најава или претходно поставено барање, со што, според него се коси теоријата за радикален исламизам.
Истовремено, додава аналитичирарот, нити еден албанскиот политички фактор нема интерес за дестабилизација на состојбата во Македонија, бидејќи од тоа веќе никој нема политички профит. Затоа, бара тој, мора да се фатат вистинските сторители.
Истовремено, предупредуваат експертите, надлежните мора да внимаваат во своите изјави за да не се изедначи екстремниот радикализам од една страна, со исламската религија од друга страна.
Така, велат аналитичарите, само ќе се засили чувството на страв и небезбедност кое изминатиов месец владее кај граѓаните.
Во операцијата „Монструм“ беа уапсени 20 лица како можни сторители на убиството во Смиљковци. Кај нив беше пронајдено поголемо количество оружје и книги со радикално-исламистичка содржина.
Јасмина Јакимова