Обвинителството ќе бара максимална казна за сторителите на петкратното убиство кај Смиљковското Езеро, најави денеска државниот јавен обвинител Љупчо Шврговски.
- Законот е многу ригорозен. Се работи за најтежок вид кривични дела-тероризам, за кои е предвидена максимална казна доживотен затвор. Се надевам дека полицијата врз основа на биолошките и материјалните докази што ги има прибрано ќе срочи квалитетна кривична пријава која ќе може да ја процесуираме во најкраток можен рок, изјави Шврговски одговарајќи на новинарско прашање пред свечената изјава на новоизбраните јавни обвинители.
Тој оцени дека полицијата покажала висок степен на професионализам и неверојатна ефикасност. Во интерес на истрагата не сакаше да коментира, а повеќе детали за случајот најави за утре.
Прашан за новиот Кривичен закон, Шврговски рече дека шеесетината нововработени обвинители ќе може да ги задоволат потребите на Законот.
- Во овој момент не размислуваме да го применуваме Законот за кривична постапка бидејќи сепак треба да ги имаме предвид и можностите на државата. Се надевам дека во иднина државата ќе успее да обезбеди доволно финансиски средства за да може да се покријат и останатите обвинителства кои треба да го применуваат новиот Закон за кривична постапка, истакна Шврговски.
За потребите на новиот закон, информира дека побарале доекипирање во делот на основното обвинителство за гонење на сторители од областа на организираниот криминал и корупција.
Во Советот на јвни обвинители денеска свечена изјава дадоа новите јавни обвинители, избрани врз основа на празни обвинителски места.