Почнаа со задкулисните муабети
http://www.mkd.mk/27751/sport/sto-krie-klubot-na-potpretsedatelot-na-ffm-namesto-derbito-vo-tetovo-ffm-go-prenesuva-duelot-od-turnovo/
Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) надвор од сите логики ќе ја почести македонската фудбалска јавност со пренос од Турново помеѓу Хоризонт и Работнички во реванш полуфиналињата од Купот на Македонија, иако на програмата се игра и дербито Ренова – Вардар во Тетово.
Иако и двата меча ќе го почнат „второто полувреме“ со 1-1 од скопските пресметки, па домаќините со домашниот терен имаат мала предност, и еднакво нудат резултатска неизвесност, ФФМ не се води според интересот на јавноста, туку по чуден критериум реши камерите да бидат вклучени во Турново, наместо во Тетово.
Како и да се земе, дуелот на лидерот и наскоро иден првак против поранешниот првак и актуелен четвртопласиран тим во лигата е далеку поинтересен и повозбудлив во однос на пресметката на Турново и Работнички.
Иако ФФМ има дискреционо право рамноправно да ги пренесува сите мечеви и да не се води телевизиски според интересот, кој несомнено натежнува на страната на вардарци, сепак пренос од Тетово сигурно ќе „навлече“ бројка од над 20.000 посетители отколку дуелот од Турново, каде што интерес ќе има едвај од стотина луѓе. ФФМ веќе објави кои мечеви ќе ги пренесува викендов, чиј избор е сосема логичен, затоа што на програмата в недела се двете дербија во првите две лиги, Работнички – Металург во Првата и Макеоднија ЃП со Пелистер во Втората.
Високата гледаност како на дербито Шкендија – Вардар само ќе беше уште еден доказ за потребата македонскиот фудбал да се врати на ТВ-екраните. Вака во момент кога има забрана за патување на навивачите, реваншот ќе остане само приватна забава за тетовци, а останатите за резултатот ќе се информираат од обложувачките сајтови или од евентуален радио пренос, кој се уште не е најавен.
Официјално, како една причина за непренесување на дербито Ренова – Вардар се посочува проблемот со интернетот на Градскиот стадион во Тетово. Дури и навистина да постои некаков проблем, неговото решавање може да биде експресно веќе попладнево, утре наутро…
Или прашањето за реванш полуфиналето има и друга заднина – кулоарските муабети велат дека Ренова по секоја цена мора да биде финалист и да го освои пехарот за да избори излез во Европа. Потпретседател на ФФМ е газдата на „гипсарите“ Кенан Идризи, кој веќе еднаш зготви чорба во оваа сезона со инсистирањето за пролонгирање на првенството поради снег и нерасчистени терени, иако во викендот кога требаше да стартува шампионатот, времето беше сончево и пролетно.
Судија на дербито во Тетово утре е прилепчанецот Горан Спирковски, додека дуелот во Турново ќе го суди Јосип Бартон од Тетово.