Убиството кај Смиљковци е голема трагедија за нашата земја, но сепак тоа е акција каква што многу тешко може да се открие и да се спречи. Такви настани се случувале и во многу поорганизирани земји, па затоа не можеме да зборуваме за некаков пропуст на безбедносните служби, согласни се повеќето професори од областа на безбедноста
Зошто се случи? Можеше ли да се спречи? Што ќе биде отсега? Ова се главните прашања што јавноста си ги поставува по грозоморното петкратно убиство кај Смиљковско Езерце. Почнува веќе десеттиот ден откако целата земја беше шокирана од крвавиот настан. Во меѓувреме, единствено што е сигурно е дека овој настан стана безбедносно прашање, сите зборуваат за тензии, за атмосфера на страв и за кревок мир. Поради тоа, одговорите на најчесто поставуваните прашања ги побаравме од неколку безбедносни експерти, професори од оваа област, кои се обидоа да ги образложат причините, поводот, но и последиците од масакрот.
ДЕСТАБИЛИЗАЦИЈАТА - ОСНОВНА ЦЕЛ
Експертите се согласни дека главната цел на извршителите на убиството е дестабилизацијата на Република Македонија. Ако го заклучиме тоа, она што треба отсега да се утврди е кому и зошто му е потребна таа нестабилна состојба во нашата земја.
- Целта е исклучиво дестабилизација на државава, односно да не продолжи подобрувањето на меѓуетничките односи во неа преку економскиот напредок. Можеме да видиме што се случува сега - целиот државен врв и воопшто сѐ во општеството е насочено кон овој случај, наместо кон политиките за економски, политички и друг развој - вели професорот Стојан Кузев.
Поранешниот разузнавач Злате Димовски, сега исто така универзитетски професор, сепак е порезервиран. Нагласува дека на случајот треба уште многу да се работи, имајќи предвид дека не се знаат мотивите за убиството, не се познати профилите на убијците, па дури и на жртвите, сѐ уште се работи на собирање докази итн. Според тоа, тој не е ниту сигурен дека станува збор за терористички напад.
- Не можам да тврдам дека ова убиство е напад што има одредена цел, да пренесе порака. Но мислам дека не е терористички чин. Напротив, сите индикации упатуваат во сосема друг правец. Ниту една терористичка организација, ако беше таков чин, досега не ја презеде одговорноста за овој случај. Ако беше дело на некоја новоформирана групација, таа ќе сакаше преку јавноста да се етаблира, а тоа во нашиот случај не беше сторено - појаснува Димовски.
Не е важно дали настанот е политички мотивиран или не, туку дека е насочен кон дестабилизација на земјата, дециден е професорот Стојан Славески.
- Тоа може да го направи само оној кому не му одговара стабилна Македонија. Иста ситуација беше и со атентатот на претседателот Киро Глигоров. Според сѐ што досега се знае како информација што се случило во Смиљковци, сметам дека целта не е тесно политичко дестабилизирање на Македонија. Веројатно станува збор за пошироки размери - вели Славески.
Универзитетската професорка Фросина Ременски, пак, порачува граѓаните да не се водат од разните шпекулации околу мотивите за убиството, кои ги пренесуваат многу медиуми.
- Мислам дека е премногу наивно да се размислува дали убиството било извршено на верски празник за да биде испратена некаква директна порака до пошироките маси. Колку што знам, убијците не се ниту христијани ниту муслимани, бидејќи ниеден верник не може да изврши такво злосторство врз недолжни деца. Тоа може да биде дело само на неверник и безбожник - истакнува таа.
НЕВОЗМОЖНО ДА СЕ ПРЕДВИДИ
Меѓу другите прашања што се отворија беше и тоа дали македонските безбедносни служби затаија, дали не си ја завршија работата, што доведе до таков масакр. Експертите се поделени по ова прашање, но повеќето нагласуваат дека не е можно сѐ да се спречи.
- Криминалистичката аналитика покажала дека интервенции од помал обем, особено оние зад кои стојат професионални структури, тешко може да се спречат. Терористите на располагање имаат толку многу техники и тактики што е едноставно невозможно сѐ да се предвиди. Практиката покажува дека и многу посилни и поорганизирани држави се соочуваат со терористички напади како овој. Ова е голема трагедија, но како акција има мал обем и затоа е тешко да се спречи - вели професорот Кузев.
За Славески, ако зад убиството во Смиљковци стои организирана сила и ако таа е раководена од странска држава, тогаш може да кажеме дека службите затаиле.
- Но за да се потврди ваквата теза пред сѐ мора да се расчисти кој стои зад нападот, кои се убијците, за кои цели го направиле тоа. Ако се утврди дека убиството е терористички чин, тогаш македонските безбедносни служби ќе треба да кажат што точно се случило - истакна тој.
Ниедна држава не може да влезе во главите на луѓето, ниту да им вметне забрана да извршат криминални чинови, вклучувајќи ги и тие од најтежок вид, нагласува Злате Димовски.
- Со оглед на тоа како и каде се случи чинот, никој не можеше да го превенира. Вакви трагедии, дури и од поголеми размери, се случуваат на поголеми и помоќни држави од нас. Таков беше на пример добро познатиот случај со Андерс Брејвик. Кој можеше да претпостави дека во одреден момент без никаква провокација некоја индивидуа како него ќе убие толку невини луѓе - објаснува професорот Димовски.
САМО ТРЕЗВЕНО
За разлика од Димовски, професорката Ременски нема дилеми за терористичката димензија. Според неа, сакале ние да признаеме или не, убиството ги предизвика сите елементи на терористички чин.
- Убијците предизвикаа страв и паника кај населението, недоверба во институциите и меѓуетничка нетолеранција. Тоа можеше да се види на понеделничките протести на навивачките групи, кои извикуваа грди пароли насочени кон другите етникуми - објаснува професорката.
Таа смета дека со убиството се удри во темелите на Македонија, во добрите меѓуетнички односи и толеранција. Токму затоа ова е директна атака на системот, кој треба да биде силен за да се одбрани од овој напад.
Професорката порачува дека во иднина ќе мора да се работи на подобрување на овие и онака кревки темели, за да се анулира растревожената состојба на нашето општество.
Според сите информации што ни се достапни досега, убиец или убијци би можеле да бидат сите што се наоѓале во земјава, вели Димовски.
- Многу е логично дури и да се претпостави дека тие можеби по убиството заминале надвор од границите, па според тоа би било неблагодарно да се обвинува дека потенцијалните сторители се од една или од друга националност. Сепак, судејќи според изјавите што ги даваат политичарите, ништо посебно нема да се смени во иднина на планот на безбедноста. Зголеменото присуство на полицијата ќе го гледаме насекаде сѐ до моментот кога оваа ситуација ќе стивне и кога ќе се реши случајот - додава тој.
По убиството во Смиљковци веројатно ќе има затегнување на меѓуетничките односи, но тие нема да бидат од толкави размери за да бидеме премногу загрижени, смета професорот Славески.
- Не треба да се плашиме дека сега ќе се случи којзнае што или дека меѓуетничките односи ќе ескалираат. Никој не би требало да му дава таков контекст на случајот. Секако дека тоа што се случи е значајно, но сепак не верувам дека ќе има којзнае каков пресврт во секојдневието. Во безбедносна смисла, убиството во Смиљковци е од помала димензија - истакнува Славески.
Дополнителен проблем во овој случај, вели Кузев, е што дојде по други настани што ги разнишаа меѓуетничките односи, но тој нагласува дека ова може да ја промени земјава само ако сите ние го дозволиме тоа.
- Не може да донесе никакви промени на подобро, тоа е сигурно. Негативни импликации може да има, бидејќи колку и да се трудиме да им дадеме на убијците име и презиме, тие сепак ќе имаат некаква етничка или друга припадност, и тоа ќе создаде недоверба меѓу луѓето. Секако, тука се и стравот и несигурноста, кои завладеаја. Ако ова е последен настан од ваков тип, таа ќе исчезне, но на него му претходеа тепачките во автобуси и други случаи. Затоа, ако сето ова не заврши, и таа психоза ќе потрае - објасни тој.
--- надополнето: 22 април 2012 во 19:27 ---
Првиот пат, на 192, случајот не бил пријавен како убиство. Околу 22.15 се јавил човек што на полицајците им рекол дека видел луѓе како лежат во близината на езерото, дека можеби се пијани и им треба помош. Петнаесетина минути подоцна бил регистриран вториот телефонски повик
Најмалку три лица пукале во петтемина кај Железарско Езеро и сѐ завршило многу брзо, за 5-10 минути. Пронајдени се и траги во темноцрвениот „опел омега“ што бил оставен во близината на местото на настанот, кои во моментот се анализираат и истражуваат, информираат од Министерството за внатрешни работи. Тие, велат, можеле да ги одведат до злосторниците. За помошта, пак, што била понудена од странски разузнавачки служби, брифираат дека, и покрај многуте најави, од никого не добиле ништо конкретно, туку дека засега сѐ било само декларативно, на зборови.
Истражителите досега креирале неколку сценарија за можните траси по кои се движеле убијците пред и по направеното злосторство и прегледувале снимки од неколку безбедносни камери, но во интерес на истрагата не откриваат детали.
По извршената реконструкција и собраните докази утврдено е дека убиството се случило околу 20 часот, во четвртокот, на 12 април. Првиот пат, на 192, случајот не бил пријавен како убиство. Околу 22.15 часот во Дежурниот оперативен центар (ДОЦ) се јавил човек што на полицајците им рекол дека видел луѓе како лежат во близината на езерото и дека полицијата можеби треба да провери за што станува збор. Им рекол дека можеби се пијани и им треба помош.
Петнаесетина минути подоцна бил регистриран вториот телефонски повик. Тројца рибари налетале на телата на момчињата и веднаш се јавиле на 192 и ги информирале во ДОЦ дека станува збор за убиство.
Претпоставките се дека Цветко, Филип, Александар и Кире се подготвувале да си заминат дома, бидејќи нивните тела не биле најдени до водата, а и автомобилот бил свртен кон патот што води за Радишани и подготвен за тргнување. Оваа теза, според МВР, е најприфатлива затоа што и трските за риболов и другата опрема што тие ја носеле со себе биле најдени до четворицата застрелани тинејџери.
И автомобилот на петтиот убиен, на Борче Стефковски од Црешево, кој бил на стотина метри подалеку од момчињата, бил со отворен багажник, што наведувало на фактот дека најверојатно и тој поради темницата се подготвувал за да си замине оттаму.
- Полицијата ја знае целата историја на „опелот омега“, но и на „мерцедесот“ од кој биле украдени регистарските таблички и закачени на него и понатаму интензивно работи на расчистување на петкратното убиство што се случи кај Смиљковци. Во континуитет излегуваат нови докази од јавувањата на граѓани и снимки од камери, но тие мора сериозно да се анализираат, а за некои од анализите е потребно повеќе време - посочуваат од Министерството за внатрешни работи