Која е тајната на вистинскиот успех? Нема човек кој не би сакал тоа да го знае, а нема ниту успешен човек кој би кажал како станал успешен, иако во суштина тоа и не е толку сложено за објаснување
Ако го прашаме Соиширо Хонда која е неговата тајна за вистински успех, сигурно ќе ви одговори: многу желба, уште повеќе инженерско знаење, и најмногу од сé, работа. А кога ќе се погледне историјата на компанијата што тој пред точно 60 години ја основа, ова просто тројно правило се чини едноставно точно.
Секако дека е точно, да не беше точно, Honda немаше денес да биде единствениот во целост независен автомобилски производител. Сите други на овој или на оној начин се поврзани меѓу себе, само Honda опстојува самостојно, без никаква помош од страна. Додуша, не и ни треба, затоа што годишно произведува скоро 10 милиони мотоцикли, 4 милиони автомобили и дури 24 милиони агрегати за разни намени. Не и треба ниту технолошка помош, затоа што нема од кого да ја добие, бидејќи нејзините производи се меѓу најнапредните во светот, факт во кој секогаш се уверуваме кога ќе седнеме во некој нејзин автомобил. Така беше и сега, кога непосредно после шеесеттиот роденден на Honda, од нејзиниот македонски импортер, Макпетрол од Скопје, на пробно возење го добивме новиот Accord.
Новиот Accord се одликува со спортска елеганција и агресивност, и покрај тоа што купувачите кои ќе го купат добиваат пред сé врвен семеен автомобил
Својот прв Accord Honda го лансираше далечната 1981 година. Оттогаш до денес генерации љубители на автомобилите уживаат во квалитетите на заедно со Civic најпрепознатливиот модел на производителот од Токио, а по близу седум години, на годинашново издание на салонот за автомобили во Женева, блесна и најновата негова генерација, која мошне брзо, пред сé поради својот исчекор напред, како и привлечната цена, успеа да ги освои клиентите.
Продолжувајќи во согласност со дизајнерските насоки на својот претходник, новиот Accord се одликува со спортска елеганција и во денешниот свет со оној повеќе од потребен атрибут - агресивноста, и покрај тоа што купувачите кои ќе го купат добиваат пред сé врвен семеен автомобил. Реално, и претходните генерации на Accord, и според дизајнот и според перформансите, беа меѓу најдинамичните и спортски настроените автомобили во класата, така што јапонската лимузина, продолжувајќи по патот што тие и го трасираа, ја насочува целата приказна чекор понатаму.
Спуштеното тежиште, пошироките траги на тркалата и потполно обновеното ослонување се гаранции дека Accord ќе реагира безбедно во критични ситуации
Во согласност со тоа, надворешниот изглед на Accord е агресивен и на него доминираат острите линии и неправилните облици. Од предниот дел би ги издвоиле маската и светлата, кои се одлично вкомпонирани во спортскиот одбојник со спојлер инспириран од болидите од F1, како и нагласените лаци на широките крила, кои се како магнет не само за помладата популација. Силуетата е скроена во согласност со архитектурата која ја диктира компанијата, а слично е и со задниот дел каде доминира спортската тематика, со нови светла со остри тонови и предимензиониран агресивен одбојник.
Приказните за конзервативната и сувопарна внатрешност на автомобилите кои доаѓаат од земјата на изгрејсонцето со новите автомобили остануваат длабоко во минатото, иако тоа секогаш баш и не важеше за моделите на Honda, посебно кога станува збор за Accord. Конкретно, спортскиот ентериер на новиот Accord е изработен од квалитетни материјали, а пофалби заслужуваат и прецизната завршна обработка, како и големиот број детали на кои се внимавало.
Спортскиот ентериер на новиот Accord е изработен од квалитетни материјали, со прецизна завршна обработка и голем број детали на кои се внимавало
Во однос на претходната генерација, Accord порасна и во должина, и во широчина, а поголемо му е и меѓуоскиното растојание. Како резултат на ова, понудата на простор во кабината е поголема, посебно на задната клупа и во багажникот, кој екстра може да се зголеми со преклопливата задна клупа во однос 60:40. Елегантните и удобни предни седишта се добро профилирани и спортски тврди, а нивната внатрешна структура е направена така да ги намалува вибрациите. Инструмент таблата на која доминираат двата округли мерачи е мошне прегледна и неоптоварена со вишок податоци, така што лесно, со крајче од окото се забележуваат зелените стрелкички на индикаторот за економично возење кој советува кога возачот да го промени степенот на пренос. Тестовите на Honda демонстрираа заштеда на гориво од 5 отсто доколку се следат неговите упатства, а она што ние го забележавме, е дека веќе пред 60 km/h инстистира да се вози во шести степен на пренос.
Токму овој момент најдобро ја опишува душата на Accord - моторот, кој дури и кога го возите на 1.500 вртежи во минута во шести степен низ град, без колебање реагира на педалата за гас, а ако пак, се држи над 4.000 вртежи, тогаш испушта звук и го тера Accord остро напред како со него да командува лично Такума Сато. Се разбира, волшебниот збор се крие зад кратенката i-VTEC, која во првиот случај овозможува просечна потрошувачка од само 7,2 литри скап бензин на 100 километри, а во вториот забрзување до сто за 9,3 секунди.
Во однос на претходната генерација, Accord порасна и во должина, и во широчина, а поголемо му е и меѓуоскиното растојание
Спуштеното тежиште, пошироките траги на тркалата и потполно обновеното ослонување напред со двојни попречни рамења и назад со просторно водена оска се гаранциите дека Accord ќе реагира безбедно во критични ситуации, во што помага и директното управување. Тука некаде би ја споменале и единствената наша забелешка која се однесува на просечните пневматици, со чија замена со поквалитетни новиот Accord би загубил малку на семејната удобност, но би станал мошне сериозен спринтер. Но, и во тој случај не би можеле да го најдеме одговорот на прашањето од насловот: дали новиот Accord е направен спрема неговиот мотор, или пак, моторот му е направен спрема дизајнот и карактеристиките?!
Технички податоци:
мотор: Euro V, бензински, четиритактен, четирицилиндричен, водено ладен, сместен напред напречно
работна зафатнина: 1.997 cm3
пречник и ôд: 81,0x96,9 mm
степен на компресија: 10,6:1
напојување: една брегаста оска во главата, четири вентили по цилиндар, вбризгување на горивото во повеќе точки, променливо време на отворање на вентилите
максимална силина: 156 KS (115 kW) при 6.300 min-1
максимален вртежен момент: 192 Nm при 4.300 min-1
трансмисија: на предните тркала преку шестстепен мануелен менувач
ослонување: напред двојни попречни рамења, спирални пружини, стабилизатор, назад просторно водена оска оска, спирални пружини, стабилизатор
сопирачки: напред самовентилирачки дискови, назад дискови, ABS, EDS, BAS
пневматици: 205/60 R16 92V
каросерија: седан со четири врати, пет седишта
должина х ширина х висина: 4.725x1.840x1.440 mm
меѓуоскино растојание: 2.705 mm
траги (напред/назад): 1.595/1.600 mm
тежина: 1.414 kg
максимална тежина: 1.935 kg
приколка со сопирачки: 1.500 kg
багажник: 467 dm3
резервоар: 65 литри
максимална брзина: 215 km/h
забрзување 0-100 km/h: 9,3 секунди
потрошувачка (отворен пат/град/просек): 5,9/9,4/7,2 l/100 km
емисија на CO2: 170 g/km
Honda Accord во Македонија:
Accord 2.0 Elegance: 22.490 EUR
пакет Executive: +2.000 EUR
автоматски менувач: +1.000 EUR
Accord 2.0 Executive Navi: 26.990 EUR
Accord 2.4 Executive: 27.990 EUR
Accord 2.4 Executive Navi: 29.990 EUR
автоматски менувач: +1.000 EUR
повеќе информации: Макпетрол Скопје, тел.: /02/ 3146-189