УЕФАлона, пак?
А се почна убаво. Собиранка кај брат ми, заедно, во дружба на внуците ми и на стариот да ја гледаме втората епизода од судирот на титаните. Грицки и пијачки - чек, ТВ пренос со италијански коментар во ХД - чек, двајца навивачи на Барса - чек, двајца навивачи на Милан - чек, јас неутрален - чек.
И сè си беше убаво, Барса поведе по пеналот кој си го погоди Меси, а Милан изедначи по прекрасната асистенција на Ибрахимовиќ и мирната реализација на Ночерино. По нешто повеќе од половина час игра имавме резултат кој ветуваше спектакл, кој ги носеше „росонерите“ во полуфиналето и кој значеше дека Барса мора да даде уште еден гол.
Сè до таа 40. минута која засекогаш ќе ја одбележи кариерата на Бјорн Куиперс, име кое одеднаш стана познато низ цел свет и кое сочно излегуваше од устите на сите навивачи на Милан. Од таа 40-та минута до крајот, а верувам и по средбата и денеска, кога страстите тешко можат да се смират.
Од тој момент, и новата реализација од пенал на Меси, мене веќе не ми се гледаше она што требаше да биде, а и беше дерби пред судијата да одлучи дека тој треба да ја игра главната улога.
Влечења за дрес при прекини и корнери имаме на секој натпревар. Кога судијата ќе ги примети пред да се изведе корнерот, тој ги предупредува тие кои во борбата за позиција се борат со раце да си ги приберат. Понекогаш се случува да подели и понекој жолт картон, да ги смири „буткачите“.
Но, барем јас тоа го немам видено до сега на вака голема сцена и средба од огромна важност (ако некој има видено нека каже), да се досуди пенал додека топката не е во игра, додека трае прекинот. Во ред ќе беше Куиперс да му дадеше жолт картон на Неста, како предупредување, но веројатно и тоа ќе беше престрого.
Вака, во една секунда холандскиот манга милионите фудбалски фанови кои очекуваа спектакл ги осуди на предвремен крај на дербито, по само 40 минути игра.
Ваквата негова одлука, уште пред крај на полувремето би влијаела деморализирачки врз било која екипа. Уште ако таа екипа од самиот старт ја сметале за аутсајдер, а сепак успеала да даде гол на Ноу Камп, можам да замислам што се случувало во соблекувалната на Милан во тие 15 минути пауза.
Оние 50 минути кои уследија по егзибицијата на Куиперс беа она и што се очекуваше. Доминација во поседот на топката на Барса, која до крајот успеа да постигне уште еден гол и сосема заслужено да оди во полуфиналето.
Токму во тоа „сосема заслужено“ лежи целиот проблем со главниот судија. На така силна и моќна екипа, која има освоено сè што може да се освои и која во својот тим го има најдобриот светски играч не ѝ е потребна помошта од судиите.
Со таквата своја одлука Куиперс само ги засили муабетите за теории на заговор, за УЕФАлона, придружувајќи им се на Том Хенинг Овребо, Франк Де Блекере, Волфганг Штарк и Масимо Бусака како обележани „луѓе во црно“ кои и направиле услуги на Барселона во Лигата на шампионите.
Услуги кои веројатно ни самите Каталонци никогаш не ги побарале и кои ќе стават притисок врз кој било судија кој ќе мора да ја дели правдата на настапите на Барса во полуфиналето и во евентуалното финале.
Јас само се надевам дека, кој и да ги суди полуфиналните битки, нема уште еднаш да нѝ ја уништи на сите, па и на навивачите на Барселона, вечерта посветена на врвот на европскиот фудбал.
Она што е сигурно, е дека по вчерашната бламажа, тоа нема да биде холандскиот манга Купиерс. За доброто на фудбалот, да се надеваме дека на Ноу Камп тој „свирнал“ за последен пат на вака важен натпревар.
Одлична статија..