Најтрофејниот македонски кошаркари колектив зад кого стојат 14 шампионски титули и осум пехари во Купот на Македонија од следната сезона ќе се натпреварува под ново име – Работнички Градски парк, дознава
МКД.МК.
Пред неколку дена актуелното раководство на Работнички потпишало договор за четиригодишно спонзорство со фирмата „Работнички Градски парк“, која во иднина ќе раководи со кошаркарскиот тим почнувајќи од најмладите категории па се до сениорскиот тим зад кого е една од најлошите сезони во клупската историја. Црвено-белите не се пласираа во плејофот, а во Купот на Македонија испаднаа уште во четврт-финалето и тоа во дуелот со Торус.
Се очекува во текот на следната недела новите луѓе што ќе го предводат новиот Работнички на патот кон стартата слава да излезат во јавност и да ги објават сите детали околу идната управа на 14-кратниот шампион. Во македонската кошарка вакво преименување не е непознато. Целосното име на најголемиот ривал на црвено-белите е МЗТ Скопје Аеродром додека пред неколку години „металците“ настапуваа под името МЗТ Скопје јуниор.
Во моментов сите информации се во вид на шпекулации и тоа дека прв човек на клубот ќе биде Александар Николиќ, зет на актуелниот градоначалник на општина Центар,
Владимир Тодоровиќ, кој ќе има двојно учество во обновата на клубот и тоа преклу спонзорства од локалната самоуправа и од неговата фирма „Тинекс“. Улогата на важен спонзор би ја имала и државната агенција за електронска комуникација (АЕК) како и уште десетина солидни помагатели. Најавениот буџет, според кошаркарската чаршија, за следната година би се движел околу 300.000 евра.
Во однос на спортскиот дел, пак, најавите се дека улогата на спортски директор односно главен во делот што ќе се одвива на теренот ќе ја има поранешната ѕвезда и поранешен репрезентативец Дејан Јовановски. Еден од луѓето што сигурно ќе бидат инволвирани во новиот Работнички е и Марин Докузовски, во улога што дополнително ќе се одреди во зависност дали тој ќе остане тренер на Лукоил Академик и следната сезона.
Деновиве во кошаркарските кругови може да се слушне муабет и дека меѓу главните спонзори на Работнички Градски парк може да биде човек, кој во моментов е главен покровител на еден од прволигашките екипи. Тоа не би значело фузија на двата тима туку едноставно влез на еден од поголемите мецени во македонската кошарка во моментов во најдобриот клуб, но и задржување на клубот со кој сега раководи како своевидна филијала за помладите таленти пред кои допрва претстои докажување.
Како и да е, пред армијата навивачи на Работнички е период во кој многу работи ќе бидат искристализирани односно во многу кусо време ќе бидат познати сите работи околу тоа како најтрофејниот кошаркарски колектив ќе функционира во следниот период.