М
Мартин`
Гостин
Во градежништвото има најголема побарувачка од работна сила, но ѕидар, тесар, армирач, плочкар... се станува ако се нема друг избор, па просечната старост на мајсторите од овие занаети надминува 50 години
Додека градежниот сектор зема залет и го билда економскиот раст, Македонија останува без квалификувани градежни работници. На пазарот на трудот армирачи нема ниту за лек, а добри ѕидари и тесари тешко се наоѓаат, иако се најбарани. Квалификувани мајстори и за другите бранши има најмалку досега, бидејќи никој не сака да учи занает. Од друга страна, понудата на интелектуалци во државата е огромна, а побарувачката минимална. Според искуствата на агенциите за привремено вработување, од "поинтелектуалните" работи најмногу се бараат лепачи на декларации, презентери на производи, продавачи и сметководители, но под услов да работат самостојно. Во последно време стивнува интересот за информатичари, а правници и економисти, особено магистри и доктори на науки во приватниот сектор веќе никој не сака.
Градежните фирми на кои во моментов им требаат најмногу работници со обезбедување квалификуван кадар се снаоѓаат како знаат и умеат. Средните стручни училишта обучуваат кадри за минимален број занаети, зашто никој не сака да учи за ѕидар или тесар, бидејќи ќе треба да работи тешка работа за малку пари. Претседателот на Синдикатот на градежниците при ССМ, Павел Трендафилов вели дека од тие причини старосната структура на образованиот и квалификуван кадар во градежништвото е алармантна. На скелиња се качуваат мајстори со над 55 години, додека младите, без разлика на тоа какво образование имаат, во градежништвото влегуваат и се приучуваат само ако немаат друг избор.
- Повеќе пати сме алармирале дека старосната структура на дефицитарниот кадар е многу висока. Стручни и квалификувани мајстори останаа уште малку, а ниските плати во градежништвото се причина за немањето интерес кај младите да учат за професиите во градежништвото - смета Трендафилов.
Тој вели дека денес занаетот не се учи во училиште, туку на објект. Таму се создаваат нови тесари, ѕидари, плочкари, но проблемот со недоволно армирачи тешко се решава, зашто таа работа на тој начин не се учи.
Трендафилов посочува дека ова повлекува уште еден проблем во градежништвото - работата на црно. Според проценките на Синдикатот во тој сектор има околу 23.000 вработени, а уште 36 до 37 илјади работат непријавени.
Фирмите, пак, кажуваат друга вистина во врска со дивите вработувања. Сопственикот на градежната фирма "Бортас", Љупчо Бораниев вели дека работници се наоѓаат, но најголемиот дел од нив не сакаат да бидат пријавени, зашто така нема да можат да работат на неколку места истовремено и да земат повеќе пари.
- Повеќе заработуваат на црно, на дневница. Тие на некој начин се социјално осигурени, па тоа им одговара. За работа најчесто не се јавуваат поединечно, туку како цели бригади од по неколку работници и бараат од нас да не ги пријавуваме, а со тоа ризикуваме да бидеме казнети. Мислам дека ова треба да се дестимулира со законски измени, со кои и работниците ќе бидат санкционирани, а не само работодавците, кои на непријавениот работник треба да му исплатат три плати - вели Бораниев.
Тој смета дека се уште можат да се најдат добри мајстори, пред се од краевите на државата кои традиционално се занимавале со одредени занаети, како на пример ѕидари од кривопаланечко и кумановско, фасадери од Вевчани и Струга. Младите кои не се образовани за градежништво, смета Бораниев, можат да го учат занаетот од нив.
Најмногу работници за на градилишта се обезбедуваат преку агенциите за привремени вработувања. Раде Ненадиќ од агенцијата "Партнер" вели дека има недостаток на ѕидари, тесари, плочкари, бравари, но се наоѓаат за неколку дена. Тој изнесува податок дека во државата во тригодишните средни училишта за занимања учат само 1.700 ученици. Како и за Трендафилов, така и за него, проблемот лежи во ниските плати за вработените во овие занаети. Агенцијата посредува за вработувања во времетраење од еден ден до една година, но ги одбива барањата на фирмите, ако платата е мала.
- Барањата за ангажирање работници за плата од осум до десет илјади денари за одредени занаети ги одбиваме. Сите бараат работници, а никој не сака да ги плати. Еден електричар, на пример, од една поправка на машина за перење може да заработи од 1.500 до 2.000 денари, а фирмите од нас бараат да им најдеме такви кои еден месец секој ден по осум часови ќе им работат за 10.000 денари. Затоа минимум 150.000 работници во државата работат на црно, дел за себе, дел за газди. Ако не се смени системот на наградување, состојбата ќе биде уште полоша - вели Ненадиќ.
Тој смета дека тоа е и причината за незаинтересираноста за учење занаети.
- Имаме многу доктори на науки и магистри, но нив никој не ги бара. Побарувачката на кадри со високо образование е минимална. Еднаш до два пати годишно се бараат економисти и правници. Работници се бараат многу, но кај мајсторите ѕидари, на пример, просечната старост е 55 до 60 години, а нема армирачи под 30-40 годишна возраст - вели Ненадиќ.
Со сите овие проблеми на кои посочуваат луѓето од браншата, градежништвото во државата, сепак добро врви. Но, опомена дека работите мора да се канализираат може да биде искуството на една српска фирма која деновиве се исправи пред проблемот да испрати во странство неколку стотини квалификувани работници. Фирмата "Патишта Ужице" подолго време се обидува да обезбеди работници за во Сочи, Русија. Иако платата е од 1.200 до 2.000 денари низ цела Србија едвај собра сто и нешто ѕидари, столари, фасадери, монтери, заварувачи, керамичари... не затоа што немаше заинтересирани кандидати, туку затоа што во државата немало образован, квалификуван и искусен кадар за овие занаети, што фирмата од Сочи го посочила како услов во договорот.