„Окта“ и државата најмногу ќаруваат од цените на горивата во земјава, кои од вчера го достигнаа плафонот. Во длабока була, пак, се компаниите и граѓаните што веќе подолг период с` повеќе одвојуваат за да наточат иста количина гориво. По одлуката на Регулаторот цените на бензините и на дизелот да скокнат за 3 денари, се обидовме да ви откриеме кој ќе ќари најмногу од новите повисоки цени на горивата. „Регулаторната“ математика покажа дека од цената од 85,5 денари, колку што од вчера чини „евросупер БС“ од 98 октани, државата ќарува по 35,5 денари, рафинериската цена на „Окта“ е 46 денари, а остатокот е ќарот на трговците.
Државата во ќар до гуша
Регулаторната комисија за енергетика ја определува рафинериската цена на бензините според трошоците на рафинеријата „Окта“, калкулирани според цената на барелот нафта од типот „брент“ во последните 14 дена и според курсот на доларот во однос на денарот. На вака оформената цена се додаваат давачките за државата и трговската маржа. Во давачките на државата влегуваат акцизата, данок на додадената вредност, па давачката за транспорт, за нафтени резерви и за животна средина, додека маржата, која оди во џебот на сопствениците на бензинските пумпи, може да изнесува најмногу 3,2 денари за литар.
Така, на пример, цената од 85,5 денари, колку што од вчера чини „евросупер БС’ од 98 октани, според Регулаторната комисија за енергетика, се формира приближно вака. Рафинериската цена на „Окта“ изнесува 46.096 денари. Давачки што завршуваат во државната каса се следните: за животна средина - 0,080 денари, за задолжителната резерва на нафта - 0,890 денари, потоа акцизата, која за овој вид гориво е 21.692 денари и на крајот данок на додадена вредност од 18 отсто кој во случајов изнесува околу 13 денари. Бензинските пумпи, пак, плаќаат по половина денар од литар за транспорт и имаат маржа од 3,2 денари. Ако се направи груба математика, излегува дека државата ќарува по 35,5 денари од литар „евросупер БС“ од 98 октани. Пресметките се приближно исти, со мали разлики и за другите видови бензини и дизелот.
Никој не се откажува од својот дел
Регулаторната комисија за енергетика во одлуката за определување на максималните цени дава повеќе можности за пониски трговски маржи со кои трговците имаат можност да ја намалат маржата за најмногу 1,5 денар. Но тој „феномен“ досега кај нас не се случил. Исто и државата засега нема намера да се откажи од дел од колачот.
Лани во април Владата одлучи да ја намали акцизата за бензините за 4 денари, а за дизелот за 2 денара за литар. Надоместокот за задолжителни резерви се намали за 0,5 денари кај бензините и за 0,2 денари кај дизелот. Со ова, цената на бензинот се намали за 4,5 денари, а на дизелот за 2,2 денара за литар. Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески тогаш соопшти дека мерката ќе трае 4 месеци и со тоа државата се откажува од 10 милиони евра буџетски приходи во интерес на граѓаните. Kога Владата ја донесе оваа одлука, горивата беа поевтини од сега.
Иако сега горивата се за 2,5 до 3,5 денари поскапи од тогаш, вицепремиерот Зоран Ставрески завчера изјави дека Владата засега не планира такви мерки.
Kомпаниите веќе најавија нови повисоки цени на производите, а бизнис-заедницата побара брза реакција од Владата за да се спречи овој нафтен шок.
Нафтен шок
Инаку, цените на горивата во земјава за две години рипнаа за триесетина проценти. Цела измината година вртоглаво растеа, а тој тренд продолжува и годинава.
Цените на дизел-горивата за две години се зголемија за неверојатни 35 проценти. Во почетокот на 2010 година дизелот се продаваше по 50,5 денари за литар, за на почетокот на минатата година да достигне цена од 70,5 денари, а сега да се продава по 74,50 денари. Бензините за две години поскапеа во просек за 25 проценти. Од 65 денари за литар „евросупер 98“ во почетокот на 2010 година, тој скокна на 81 денар во почетокот на 2011, а сега да се продава по 85,5 денари. Завчера Регулаторната комисија за енергетика одлучи да се зголемат рафинериските и малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 5,56, односно за 4,14 отсто. Регулаторната комисија овој скок во цените на бензините и дизелот за 3 денари на литар го оправда со 6,54 отсто повисоката цена на суровата нафта на светскиот пазар во изминатите две недели и за 0,42 отсто понискиот курс на доларот во однос на денарот.
Александра Филиповска