Грифонот од Горна Порта и петелот од Стоби
На изложбата „Археологија 2011“ во Музеј на Македонија наодите раскажуваат нови приказни
Шлемот со грифон и Херакле откриен на Горна Порта
Катерина Богоева
Шлемот со претстава на грифон и на Хералке како ја убива ламјата откриен на Горна Порта во Охрид, несомнено е најмаркантен наод што го плени вниманието на изложбата „Археологија 2011“ отворена во Музеј на Македонија. Поставен во витрина со множество предмети откривани лани на Самоиловата тврдина, овој шлем, кој е откриен во гробницата бр. 127 во 2002 година, му припаѓа на типот халкидик. Откопан е заедно со двете керамички амфори, со еден аскос - керамички сад со црвено фигурално сликарство, но со неколку златни предмети што се наоѓале во гробницата, со една златна двојна игла и хипокамп - воден коњ со крила, со неколку златни апликации во вид на розети и др. Паско Кузман, директор на Управата за заштита на културното наследство, која е организатор на оваа четврта едноподруга изложба, го смета шлемот за исклучителен наод, бидејќи со дадената претстава тој прв пат и се појавува на просторот на Република Македонија, а напоменува дека и во светот таквите наоди се ретки. „Грифонот е митско животно со глава на орел, со шепи на лав кој ги штити воините и има дава сила, а важи и за животно кое го штити златото. Во една легенда стои запишано и дека самиот ископува злато за да ги гради своите гнезда“, рече археологот. Тој за единствени наоди ги смета во истата витрина презентираните копја, на кои стегачите на држачите во вид на прстен им се изработени од злато. Напомена дека кај овие наоди е присутна ретка комбинација на злато и железо. Самоиловата тврдина е еден од 18-те презентирани локалитети на изложбата на кој минатата година се вршени континуирани истражувања, освен на Кастелот кај Пчиња, каде што се одвивала конзервација.
Светилка со еротска претстава - Антигонеја
Од Охридско, од локалитетот Енгелана во посебна витрина се презентирани златни предмети, дијадеми и златни апликации. За еден од нив, од 4 век пр.н.е. постојат две претпоставки, дека бил користен или како умбо-украс на војнички штит или, пак, служел како држач на кок. Како значаен наод се одвојуваат и презентираните стрелки, откриени во тамошното депо. Според Паско Кузман, во него биле откриени над 1.000 стрелки, но не е исклучено, во депото да има уште примероци.
Наоди од детски гроб од Вардарски Рид
Презентирани се и голем број наоди од Скупи, претежно од римски период откривани на територијата на градот, но и од локалитетот Таор во близина на Скопје. Археологот Златко Видевски раководител на Археолошкиот музеј ги издвои од Таор, нарекувајќи ги мошне интересни предметите што им служеле на некогашните жители во секојдневјето: неколкуте српови, клучевите, различните шарки за вратите, хостиите - за ловење риба, клопотарците за стока, ножиците и друго. „Тие ја прикажуваат доцноантичката материјална култура, која ретко се среќава“, рече тој.
Два калапа од македонско-хеленистички период од Хераклеја
Презентирани се и наодите од скопско Кале, како своевидна приказна за неговата стратиграфија. Меѓу нив и фигурина на скулптура без глава, датирана од 13-14 век, најверојатно, од женско тело, но и два примерока на умбо, изработени во бронза, датирани меѓу 10 и 14 век.
Керамичкиот печат со претстава на петел од Стоби
Светилка во форма на чевел од Кокино, лулиња, но и сребрена табакера од 18 век, пронајдени на Тетовско кале, како и наоди од Исарот кај Штип се наредени едни до други. Наодите од Исарот се сметаат за потврда за присуството на македонско- хеленистички период на локалитетот, а можат да послужат како потврда и за мислењето дека сегашен Штип е античкиот град Астибо. Изложените парчиња стакло говорат дека таму некогаш постоела и работилница за такви предмети.
Умбо или држач за кок од Енгелана
За оваа изложба НУ „Стоби“ одбра околу 120 предмети откриени при истражувањата на истоимениот локалитет. Лани таму се истражуваше на просторот на Западната некропола, под мозаикот во трпезаријата во Палата перистерија, чија конзервација е во завршна фаза и на населбата од 6 век на горната тераса. Публиката може да види керамички садови, теракотни фигурини, светилки и разни предмети изработени од коска кои датираат од 2 век пр.н.е. па се' до доцниот 6 век од н.е. Меѓу нив како особено внимание привлекуваат два предмета: керамичен печат со претстава на петел и теракотната фигурина на гладијатор.
Бронзени примероци на умбо - дел од војнички штит, од Калето во Скопје
„Кружниот печат со претстава на петел изведен во длабок релјеф е извонредна изработка на локален мајстор-керамичар“, потенцира Силвана Блажевска, директорка на „Стоби“. Таа објаснува дека поради големите димензии, овој печат веројатно не бил користен за декорирање калапи за релјефни садови, туку за сигнирање леб. Бил откриен во куќа што датира од 1-2 век од н.е. А бил фрлен во отпадна јама. „Во римскиот империјален период било вообичаено да се сигнира лебот од големите пекарници, кои на тој начин го заштитувале својот производ и гарантирале за квалитетот. Печатите за сигнирање леб биле изработувани од керамика или од бронза, со најразлични натписи или симболи. Петелот е симбол на сонцето, новиот ден. Во антиката се идентификувал со Арес, богот на војната, но и со Аполон Фојбос и Асклепиј, богот на лекувањето, поради што добива и апотропејска (заштитна) моќ, а во христијанството се поврзува со Петровото одрекување, најавувајќи го Христовото воскресение“ , укажа Блажевска, а нејзините стручни опсеравции го потврдија нашето мислење дека овој предмет заслужува поголемо внимание. Таа посочи и дека теракотната фигурина на презентираниот гладијатор е единствена меѓу досега откриените фигурини во Стоби. Гладијаторот, кој е посебно издвоен, е во полна борбена опрема, со шлем на главата, панцир, кнемиди и правоаголен штит, датира од доцниот 1 век пр. н.е. Идентични претстави, на гладијатори, рече таа, се среќаваат на светилките од раниот римски период.
Српови и други предмети откриени на локалитетот Таор
Од локалитетот Хераклеја Линкестис на изложбата се голем број наоди, меѓу кои и еден машки портрет, а на прв поглед се забележуваат и два калапа од македонско хеленистички период. Презентиран е богат материјал од раната и доцната антика.
Од струмичкиот локалитет Цареви Кули, пак, може да се видат наоди од рана - средна бронза, разни фигурини од македонско-хеленистичкиот период и од римскиот период. Станува збор за материјал кој може да ги поврзе археолозите со постоењето на некој антички град, што се' уште се претпоставува. Меѓу наодите од Антигонеја крај Неготино ги издвојуваме убавите керамички ламби, меѓу кои има ламби со зачувани еротски претстави.
Свое заслужено место очекувано заземаат и наодите од теракота од Виничко Кале, но и наодите од Исар Марвинци. При минатогодишните истражувања на Исар Марвинци се откриени и изложените садови од македонско-хеленистички период, пронајдени во тамошните гробови. Од овој исклучително богат простор со наоди, плени презентираната убавина на откриените златни обетки.
Минатогодишните истражувања на Вардарски Рид кај Гевгелија ги одбележало и откривањето на некрополата од доцното бронзено време, при што биле пронајдени 35 погребувања во згрчена положба со богати гробни прилози. Сите откриени скелетни остатоци им припаѓале на новороденчиња и на деца до 15-16-годишна возраст. На изложбата се презентирани откриени садови токму од тие гробови. „Овие истражувања покажаа дека и по прекинот на животот во населба на локалитетот Вардарски Рид, тој и понатаму продолжил да егзистира и да се користи како место за погребување на околното население во доцната антика и средновековниот период, со досега откриени 11 погребувања од II-IV век и 47 погребувања од XI-XIII век“, ни откри Емил Сламков, археолог, виш кустос во гевгелискиот музеј.
Изложбата „Археологија 2011“, која годинава е поскромна поради поскромните археолошки истражувања на локалитетите низ земјава, претставува еден вид отчет за откриеното при реализација на капиталните проекти. Тие и годинава ќе се реализираат, но се' уште не дефиниран бројот на локалитетите каде ќе се трага по нови наоди.
ИЗВОР