Можна нова методологија за формирање на цената на горивата
Владата веќе барала од ОКТА да се смени делот од купопродажниот договор со кој е утврден начинот на формирање на рафинериската цена на горивата. Вицепремиерот Пешевски вели дека се чека новиот менаџерски тим во рафинеријата, со кого Владата очекува преговори за измена на методологијата. Иако цените ги утврдува Регулаторната комисија за енергетика, конечниот збор околу ова ќе го има ОКТА, која заедно со државата е потписник на купопродажниот договор.
- Ние баравме да се започнат разговори, во ОКТА имаше промена на менаџерскиот тим, но оттаму бараа рок поради измена на менаџерскиот тим. Откако ќе се избере новиот менаџерски тим, ќе седнеме и ќе видиме кои се можностите за измена на договорот, вели вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски.
Владата очекува евентуалниот потврден одговор од ОКТА да ги намали ценовниот шок што од почетокот на годината го предизвика скокот на цените на енергенсите. На поскапувањето реагира и Сојузот на синдикати, кој бара заедно со Регулаторната комисија да одлучува за цените.
- Ќе побараме средба со Регулаторната комисија за енергетика со цел да ни се објасни начинот на пресметување на зголемувањето на струјата, парното греење и другите енегенси. Ќе ја активираме идејата пред донесувањето на клучните одлуки кои влијаат врз стандардот на работниците, одлуките на Регулаторната комисија за енергетика да бидат разгледани и на Eкономско-социјалниот совет, вели претседателот на Сојузот на синдикати, Живко Митрески.
Од први јануари поскапеа струјата, парното во Скопје, гасот и бензините, а се очекува ова да предизвика и раст на цените на основните производи.
Znaci pak zavisime od grcite...