Македонската ракометна репрезентација со пласманот меѓу шесте најдобри на еврошампионатот, автоматски се избори да биде во групата на носители на жрепката в недела со која ќе бидат одредени двојките за баражите за Мундијалот во Шпанија.
Во групата носители со Македонија ќе бидат и репрезентациите на Словенија, Унгарија, Германија, Исланд, Полска и Шведска.
На овие седум селекции преку извлекување ќе им се придружат уште две од четирите кои со настапите на ЕП завршија уште по првата фаза. Тоа се Чешка, Норвешка, Русија и Словачка.
Две од нив ќе бидат во групата на неносители заедно со Црна Гора, Босна и Херцеговина, Белорусија, Литванија, Португалија, Холандија и Австрија. Тие се потенцијални противници на „црвено-жолтите“ во борбата за пласман на Мундијалот.
Термините за одигрување на баражите се: 9 или 10 јуни оваа година, а реваншите се на 16 или 17 јуни.
Како домаќин, учество на Светското првенство кое ќе се игра во јануари идната година има обезбедено Шпанија, потоа бранителот на титулата Франција и полуфиналистите на ЕП Србија, Данска и Хрватска.