До крајот на идната недела ќе се знае дали ЕУ ќе го направи клучниот чекор и ќе влезе во минско поле. Нејзините национални лидери на својот предбожиќен самит на 7 и 8 декември ќе одлучат дали ќе ја суспендираат демократијата или ќе се борат за неа. Сите ја чекаат Ангела Меркел. Само што во овој политички театар на апсурдот, Меркел сигурно ќе дојде, а по она што ќе го каже на 9 декември, веќе ништо нема да биде како што беше.
Ќе видиме дали ќе помине идејата на Билдерберг-групацијата на супермоќни елитисти да владеат со европската „проста“ маса. Конечно, дали суверените земји-членки ќе прифатат да му го предадат својот фискален суверенитет на тело од 8 назначени банкари (кои не одат на избори), кое ќе има право да им го јаде (конфискува) дури и целокупниот државен буџет, и тоа без дозвола од државите. „Нова Македонија“ пред десетина дена веќе предупреди на ваков развој на настаните, кои веќе почнаа да се случуваат. Валутната војна што беснее тешко ја оштети ЕУ. Таа е поразена. Еврото ослабна, а доларот повторно се позиционира како светска валута. Тоа беше намерата и таа се оствари. Сега почнува втората битка. Битка за демократска Европа. Оваа битка е политичка, ама и суштинска. Каква ќе биде ЕУ во 2012 година?
Дали ќе опстане, во што ќе се трансформира и, најважното, што ќе се прави ако Брисел тргне во системска диктатура? И што ќе стане со нашите сегашни приоритети ако една пребрзана и непромислена одлука за воведување на еврото (креирање на еврозоната, зачленување со политички одлуки и без договорена заедничка фискална политика) се замени со друга, уште поопасно лоша? Дали тие ќе останат непроменети?
Овој петок се разбудивме со шокантна политичка порака од Брисел, дека ситуацијата била таква што, за жал, во името на итноста, односно поради временскиот теснец, мора да се жртвува демократскиот процес (изборите) за сметка на спасот на еврото. Од искуство, особено во Европа, е познато дека такви брзи одлуки се наплаќаат со тешки камати, кои се пресметуваат во илјадници животи. Дали ЕУ ќе тргне по истиот пат и сега, ќе видиме.
Ама мора и да си бараме чаре, зашто, иако Македонија не е официјално дел од ЕУ, таа е тесно поврзана со неа на стотици начини. Но и да не е, сигурно ќе трпи сериозни последици од донесените одлуки. Што и како ќе одговори Македонија преку своите претставници на овој нов предизвик, не знаеме. Не ни е јасно ни дали и во оваа пригода некој мисли дека молчењето е злато или се молчи зашто не се има блага врска како да се креира и постави македонската политика во една ваква драматична ситуација. Што и да е, се ближи времето за изјаснување. Ќе следуваат одлуки од кои сите ние ќе го видиме кристално јасно капацитетот на домашните политичари. На сцена е уште една јавна евалуација со историски димензии.
Добро ни е познато дека во Македонија тешко се пробива слободна и критичка мисла. А таа сега ни е нужна како вода. За жал, од оние што јавно парадираат низ медиумите како експерти - панелисти и модератори на наводните дебатни форуми и трибини нема што паметно и креативно да се слушне. Нема идеи за излез од дереџево. А дилемата напросто виси во воздух. Ќе влегуваме ли во авантурава на ЕУ како обезглавена кокошка или ќе дигнеме рачна за да промислиме убаво и темелно за она што треба да го сториме? Сé е прашање на избор, ама кога ќе избереме, треба да сме наполно свесни и за одговорноста за последиците. .......
http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=12311829245&id=9&prilog=0&setIzdanie=22447