Латас и сител мислат поинаку од нас =)
Германија печати марки, за секој случај
05.12.2011 - 12:24 |
Земјите од еврозоната изработуваат планови за враќање на нивните поранешни национални валути, доколку заедничката европска валута, еврото што сега го користат доживее колапс, пишуваат лондонските медиуми.
- Германија веќе ги печати старите марки, во случај целата сегашна криза околу еврото и еврозоната да се претворат во хаос, тврди американскиот аналитичар Пипа Малмгрен.
Во изјава за лондонскиот неделник „Пипл“, оваа поранешна советничка за економија на американскиот претседател Џорџ Буш, вели дека Германците се подготвуваат за најлошото, па машините за печатење на старата германска марка се вклучени одново во погон.
Откритието на Малмгрен доаѓа пред денешната средба меѓу германскиот канцелар Ангела Меркел и францускиот претседател Никола Саркози во Париз, околу финализирањето на договорот за ревизија на спогодбата од Мастрихт и за создавање на фискална унија, во рамки на еврозоната.
Меркел која и во Германија е критикувана од тамошната опозиција за „премногу тврдата позиција“ околу кризата во еврозоната, бара од земјите членки да прифатат заедничка позиција за даноците и трошењето, за да се средат нивните економии.
Германската позиција, што ја поддржува и официјален Париз, тргнува од тоа дека на еврозоната и е потребна буџетска дисциплина и ефикасен механизам на управување. Таквиот став на Берлин и Париз, што ќе им биде понуден на членките на ЕУ, на самитот во петок, предизвикува загриженост во Лондон, каде се стравува од натамошното европско интегрирање, како и од можната изолација на Велика Британија во ЕУ, доколку се спротивстави на ваквите планови.
Британските медиуми тврдат дека оваа недела е клучна за судбината на еврото, неодобрувајќи го германското инсистирање за ново реформирање во Унијата.
Според „Дејли телеграф“, Меркел и Саркози се блиску до договор за планот што „не носи ништо добро“.
Весниците ја означуваат преголематата блискост на овие двајца политичари како „брак од интерес“, забележувајќи дека чудниот пар „Меркози“ ја игра главната улога во пантомимата што се приближува до својот крај.