Кубица го „матка“ Рено за Ферари?
Одговарајќи на новинарски прашања во Абу Даби, тимскиот шеф на Лотус Рено, Ерик Булие изјави дека Роберт Кубица ја избегнува комуникацијата со нив, а поради фактот што неговиот договор истекува на крајот од сезоната, се зголемуваат шпекулациите дека тој можеби е во преговори со друг тим.
Британскиот Аутоспорт пренесе дека во неделата по трката во Абу Даби предводникот на Рено го искажал своето незадоволство од комуникацијата со Кубица, отфрлајќи дека тоа е по нивна вина или поради грешка во комуникацискиот план. Тој во неколку наврати годинава повтори дека го очекува полскиот автомобилист да се врати зад воланот на Рено, а сега ја остави отворена опцијата и тој да се врати на трките во средина на сезоната доколку не е подготвен на почетокот.
- Последното што го имам добиено е дека тој не може да потврди ниту еден краен рок во моментов, па мора да дискутираме за заеднички комуникациски план. Очигледно е дека ние го сакаме назад. Доколку тоа биде во текот на сезоната, зошто да не? Сепак, има некои услови кои мораме да ги разговараме, особено со неговиот менаџер доколку се случи тој да дознае дека не може да се врати или доколку не е во состојба. Тие сценарија мора прописно да се искомуницираат,- рекол Булие за англиските новинари, објаснувајќи ја својата позиција откако истече претходно поставениот рок поставен за октомври, па поместен за рано во ноември.
Французинот смета дека Лотус Рено бил максимално фер и морално посветен, „па и повеќе од тоа“, но сепак директната комуникација со Полјакот изостанува. Тој се сомнева дека во прашање е загубеното време во октомври, кога Кубица помина на уште една корективна операција, а сега напорно работи за да го надомести загубениот период. Сепак, тој е свесен дека договорот истекува на крајот од оваа година, но се шпекулира дека иако екипата има опција да го продолжи за уште една година, во вакви услови тоа е речиси невозможно да се направи „на слепо“. Од друга страна, доколку Лотус Рено не му го продолжи договорот, Кубица ќе биде слободен да го избере својот нов тим самостојно без да има обврска кон кого било.
- Доколку тој не сака да зборува со никој, што можам јас да речам? - обелодени Булие во Абу Даби. - Мислам дека не е подготвен сега, тоа е бидејќи изгуби еден месец и сега работи напорно за да надомести. Но, октомври беше клучен за да бидеме сигурни дека тој же се обврзе за следната година и за првата трка,- дополни тимскиот шеф. - Иако ова е бизнис, ние бевме морално посветени кон него, па дури и повеќе од тоа, па ако го прави ова, значи прави што сака. Договорот истекува на крајот од годината, па тој може да прави што сака. Бевме доволно фер, бевме морално посветени, па ако сака да вози за друга екипа, во ред. Нека прави што сака. Не верувам дека има друго место подобро од нашето денеска, и тоа без да плати.
По овие зборови започнаа шпекулациите дека Кубица е во преговори со Ферари за да го замени Фелипе Маса, кому се чини дека 2012 година му е последна во кариерата, а фактот дека најверојатно нема да биде подготвен од почетокот на сезоната му оди во прилог на Ферари, кој би можел да го внесе Кубица во игра подоцна во сезоната. Претходно се шпекулираше дека Розберг е заинтересиран за второто седиште покрај Алонсо, но откако тој го обнови договорот со Мерцедес, медиумите ги посочуваат блиските пријатели на Алонсо како можна замена за Фелипе, а покрај Кубица на таа листа е уште и Марк Вебер кој во 2012 година ќе ја вози последната сезона за Ред Бул
http://www.f1almanah.mk/formula1/aktuelno/10623-kubica-go-matka-reno-za-ferrari