Турската армија започна воена вежба во близина на границата со Сирија
Турската армија денеска започна воена вежба во округот Хатај, во јужна Турција, во близина на границата со Сирија, која ќе трае до 13 октомври, соопшти турскиот Генералштаб.
Во округот Хатај засолништа најдоа над 7.000 сириски бегалци, побегнати од репресиите на сириските сили за безбедност, лојални на претседателот Башар Асад.
Воената вежба ќе се совпадне со посетата в недела на премиерот Реџеп Таип Ердоган на бегалскиот камп во Хатај.
На вежбата участвуваат 39-та механизирана пешадиска бригада и 730 припадници од резервниот состав на турската армија.
Турција, која со години наназад поддржуваше пријателски односи со Сирија, се дистанцира од режимот во Дамаск по неуспехот на нејзините дипломатски напори за итно запирање на репресиите против демонстрантите во оваа земја.
Анкара, која воведе ембарго за оружје кон Сирија, соопшти сека подготвуваат и дополнителни санкции против сирискиот режим.
Воената вежба во Хатај повторно може да ги заживее шпекулациите, досега демантирани од турски официјални претставници, дека Анкара планира да создаде тампон зона во Сирија за да го заштити цивилното население и да го спречи потокот од бегалци кон Турција.
http://www.time.mk/read/053ec00f6d/e0ab378e25/index.html