Пописот е стопиран, членовите на државната пописна комисија поднесоа оставки
Пописот е стопиран. Државната пописна комисија донела ваква одлука доцна синоќа поради немање основни услови за натамошна реализација на пописот, а сите членови на комисијата поднеле неотповикливи оставки.
Државната пописна комисија информацијата ја испрати ноќеска до сите медиуми преку соопштение во кое им препорачува на сите учесници на пописот да ги сопрат идните активности поврзани со оваа операција. Во соопштението се вели:
- Државната пописна комисија на вечерашната седница констатираше дека не се исполнети основните услови за натамошна реализација на пописот. Во најголема мера ова се однесува на нееднаквата примена на методологијата утврдена од страна на Државниот завод за статистика, а усогласена со ЕУРОСТАТ во делот кој го разработува членот 6, став 3, членот 40 и членот 42 од Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија 2011 година. Државната пописна комисија од овие причини констатираше дека врз основа на погоре наведеното пописот не може да резултира со релевантни податоци врз основа на што комисијата не може понатаму да ги исполнува своите законски обврски. Поради тоа сите членови на Државната пописна комисија си поднесоа неотповиклива оставка. Со оглед на горенаведеното препорачуваме сите учесници во пописот 2011 да ги сопрат сите идни активности поврзани со пописот.
Портпаролот и претседателката на комисијата утрово не беа достапни за да ја објаснат одлуката на пописната комисија.
Според податоците на државната пописна комисија и заводот за статистика до вчера, на пет дена пред крајот на пописниот рок биле попишани околу 55 отсто од граѓаните, или повеќе од еден милион граѓани на Македонија. Портпаролот на државната комисија вчера изјави дека најголем дел од проблемите биле во фаза на надминување.
- Доста ризични остануваат три реони - Тетово, Прилеп и Битола. Процесот во Тетово со реализација од околу три-четири проценти што е катастрофално во споредба со планираното, а Битола и Прилеп е некаде до 10 проценти, изјави портпаролот на ДПК.