... на бугарскиот народ за слобода и сопствена држава, обилно помогната од Царска Русија, резултираше со создавање на една "Голема Бугарија" во науката позната како "Санстефанска Бугарија". Ваквата големодржавна творба не беше израз на реалноста, туку повеќе еден тактички маневар, вешто пресметана дипломатска комбинација на рускиот царизам, за политичка доминација на Балканот. Но, без разлика на тоа, бугарските владејачки кругови, оттогаш до денес, со ретки исклучоци, од "Санстефанска Бугарија" направија мит, национално величие, изградија големобугарски идеал за божемно обединување на бугарското племе од Мизија, Тракија и Македонија, а со тоа, всушност, ја прикриваа желбата за заграбување на туѓи етнички територии.
Од правен аспект, со оглед на меѓународната констелација на односите меѓу европските држави и балканските земји од тоа време, Договорот од Сан Стефано претставува акт и последица од воената надмоќ на царска Русија во војната против Османлиската империја. Договорот нема завршен, туку прелименарен (преоден) карактер, а на македонската територија нема стапната руска војска, а уште помалку бугарски востаници, освен македонските доброволечки одреди на Ѓорѓија Пулевски, Димитар Поп Георгиев - Беровски и други. Овие моменти се игнорираат од бугарската историографија и се пишува за некакво обединување на бугарското племе и бугарските земји без каква било научност, реалност и вистина.
Всушност, Санстефанскиот договор е договор меѓу големите сили за зачувување на територијалниот интегритет на Османлиската држава, од една страна, а од друга страна по иницијатива на Русија да се создаде една поголема "словенска" држава, како би можела трајно да зачекори на Балканскиот Полуостров. По една логика на претходните меѓудржавни одредби и договори, Русија како победник требаше да води сметка при дипломатскиот настап во Сан Стефано. Но, и потоа, бидејќи таа доби закани од големите сили за воена интервенција доколку продолжи со своите амбиции на Балканот. Затоа, во периодот меѓу трети март и јуни - јули 1878 година, кога се одржа Берлинскиот конгрес, Русија се насочи кон зачувување на своите војски и територијалниот интегритет.