Да бидеме реални, за да се вратат навивачите на стадион потребен е огромен напор и работа, секако да не го заборавиме и времето. Вардар "изгуби" неколку генерации поради очајната состојба последниве 10 години на нашиот фудбал, како и очајната состојба на самиот клуб. Не може туку-така да се вратат навивачите на стадион, но со тек на време се надевам и верувам дека тоа ќе се случи. Друга работа е квалитетот и ИМЕТО на екипите кои играат во нашето првенство, сум повторил 100 пати, не може да се очекува Турново, Металург или Искра да привлечат повеќе гледачи од Беласица, Победа, Пелистер или Слога. Колку и да се играчки силни овие првите, ИМЕТО на вторите е неколку класи поголемо, а со тоа и попрепознатливо кај огромен дел од постарите навивачи на Вардар, оние кои пред се треба да се вратат на стадион. Да играме утре со Пелистер или Победа сигурен сум дека ќе имаме повеќе гледачи на Градски отколку против Искра во саботата. Затоа, потребно е најбрзо враќање на имињата кои значеа (и значат) нешто во македонскиот фудбал, потоа нивно стабилизирање, за на крај полека да почне да се враќа квалитетот и навивачите на нашите стадиони.
Следна работа што треба да се направи е отворање на фан шоп, место каде што секој ќе може да си купи дрес, шал, чаша, капа, привезок, мауспад, карти за играње, постер и многу други работи од Вардар. Потребно е редовно ажурирање на официјалниот сајт на Вардар, потребни се официјални страници на социјалните мрежи бидејќи знаеме колкава е нивната моќ во моментов, како и канал на Youtube каде што ќе се прикачуваат најинтересните моменти од натпреварите, некои од најголемите натпревари што се одиграле во историјата, интервјуа со играчи, официјално претставување на играчите итн. Сите овие работи се повеќе од потребни во ова време во коешто живееме.
Знам дека членови на управата го читаат форумов, па еве и една идеја во текот на викендите да се постават штандови на плоштад и низ градскиот парк, луна паркот и други слични фреквентни места, на тој начин да се проба да се доближи Вардар уште повеќе до Скопјаните. Тоа сигурно не чини многу, а резултатите од сето тоа ќе бидат големи. Нека одат играчите на Вардар огранизирано низ основните и средните училишта во Скопје, нека се дружат малку со децата, нека играат фудбал со нив на часови по физичко и сл. Со ваков професионален начин на работа ќе дојдат и спонзорите, а со нив и поголеми успеси и приход.