Поглавјето за жртвите на комунистичкиот режим што до неодамна отсуствуваше во официјалната историја е особено интересно за посетителите на Музејот на македонската борба. Непознатите детали што во претходниот систем биле запоставувани, како политички неподобни, сега се откриваат во сосема ново светло. Но има и забелешки зошто подеднакво не се истретирани жртвите од НОБ
Специјалниот затвор „Петрова дупка“ во Голи Оток (масло на Т.с. Иванович, Руска Федерација)
КОМУНИСТИ И(ИЛИ) ПАТРИОТИ?!
Посетителите на Музејот на македонската борба, кој работи со полна пареа, меѓу другото, се соочуваат и со некои замаглени или премолчени поглавја од официјалната македонската историја. Особено интересно и впечатливо за посетителите е поглавјето за жртвите на комунистичкиот режим, за кое во изминативе децении беа пласирани многу невистини и шпекулации.
- До пред петнаесет години, 90 отсто од овој период не беше соодветно обработен. Жртвите на комунистичкиот режим ги немаше во официјалната историја туку за нив само наслушнувавме. Откако се отворија досиејата пред неколку години, историчарите имаат можност да ги обработат и овие личности и етапи од македонската историја. Тие сознанија ги искористивме за поставката на Музејот. На овој начин уште повеќе ќе ги приближиме до народот, бидејќи фотомеморијата е многу силна работа - вели директорот на Музејот на македонската борба, Бранислав Светозаревиќ.
Тој подвлекува дека Музејот како институција не се занимава со откривање на нештата, туку со потврдување преку експонати на тоа што македонската историографија веќе го верификувала.
- Има непознати детали од периоди што можеби во претходниот систем биле запоставувани затоа што политички или идеолошки се сметало дека е добро да се избегнат. Но тие работи не може да се заобиколат бидејќи се дел од нас. Убеден сум дека има и други содржини што не се внесени во поставката, а треба да бидат - вели Светозаревиќ.
Според Наташа Котлар-Трајкова, историчарка и претседателка на Здружението на историчарите, граѓаните може да добијат реална слика за нашата историја од поставката во Музејот. Во најмала рака, поставката може да ги испровоцира луѓето да читаат и дополнително да се образоваат. Котлар-Трајкова единствено забележува на немањето баланс во претставувањето на жртвите на комунизмот и на жртвите од периодот на НОБ, како и на фактот што во една иста сцена може да се видат припадници на различни политички и идејни концепти.
- Тоа може да го збуни посетителот-лаик. Сигурно е дека има пропусти, но првите мачиња, како што велат, се фрлаат во вода. Со текот на времето ќе се зголеми искуството на музејските работници, но и сознанијата на граѓаните што ќе можат квалитетно да го акцептираат своето историско наследство.
Историјата во основа е движење или процес. Таа не може да биде догма - вели Котлар-Трајкова.
Според неа, непознавањето битни факти од нашата историја се должи на тоа што историјата од 1945 година до скоро не била имуна на политички влијанија. Тоа се одразило и на историските учебници.
- Од 2001 година македонската историја веќе фаќа чекор со еден посовремен метод на едукација на граѓаните - вели историчарката.
Никола Жежов, еден од авторите на одделот за жртвите на комунизмот и продекан на катедрата по историја, вели дека македонската историја има доволно аргументи што ќе дадат живописна слика за она што се случувало во Македонија по Втората светска војна.
- Во овој оддел ги претставивме најеклатантните примери на репресија во некогашната држава. Тоа не значи дека ги бришеме заслугите на сите македонски комунисти во тој период. Имало чесни патриоти што ја прифатиле комунистичката идеологија, но ја задржале и националната кауза. Таков пример е Методија Андонов Ченто, кој бил и патриот и носел петокрака како претседател на АСНОМ. Ист е случајот и со Методија Шаторов Шарло, кој на крајот завршил мистериозно. Тука е и Венко Марковски, кој бил испратен на Голи оток. Или Кочо Рацин. Личностите како Панко Брашнаров, Ченто, Павел Шатев, струмичките студенти се веќе историски расветлени. Располагаме со голем број документи, пресуди. Работите се јасни - вели Жежов.
Од Музејот велат во текот на обиколката посетителите покажуваат особен интерес за драматичните секвенци од историјата за кои немале можност да прочитаат во историските читанки и за кои главно наслушнувале од постарите.
- Досега во музејот поминале околу 3.000 луѓе и тие се главно тивки, ретко поставуваат прашања. Доколку го направат тоа, станува збор за „ситни“ прашања, кога имаат некое лично сознание што сакаат да го проверат или да го прокоментираат. Повеќето од нив се внимателни, бидејќи може да видат една нова историја што не ја учеле. Особено во смисла на тоа кои биле позитивни, а кои негативни, кои леви, а кои десни струи - вели Светозаревиќ.
Според него, најважно е кога луѓето ќе излезат од зградата да добијат појасна слика за македонската историја, која воопшто не одела право, по нагорна линија, туку имала многу замрсени и испресечени патишта.
Во комплицираниот мозаик на таа цикцак-историја, сé уште има камчиња што недостигаат. Тие, според управата на Музејот, дополнително ќе бидат вградени во поставката.
Засега во рамките на поставката што почнува со периодот на ајдуството и завршува со жртвите на комунистичкиот режим посетителите ќе се соочат со многу важни настани од македонската историја што се прескокнати во учебниците. Такви се Тиквешкото востание (1913 г.), Виничката провала (1897 г.), Битката кај Криволак (1915 г.), специјалниот затвор „Петрова дупка“ на Голи оток, побуната на македонската војска во 1945-та на Скопско кале со пораката „Не сакаме на Срем, туку на Солун“...Сите тие се претставени на маркантни уметнички платна.
Највозбудливи се средбите со восочните фигури, меѓу кои се и горостасните Јане Сандански и Борис Сарафов и изненадувачки малиот по раст Гоце Делчев. Гемиџиите се претставени како копаат дупка до Отоманската банка во Солун, Владо Черноземски е претставен со букет цвеќе пред да го изврши атентатот на српскиот крал во Марсеј, а Ристо Шишков како ја крши сликата на Јосип Броз Тито. Александар Турунџев е прикажан на бесилка. Посетителите може да ја видат и ретката фотографија од мртвото тело на Даме Груев, кое било ексхумирано и фотографирано од турските
власти.
Го „згрешиле“ Тито, ќе пристигне нов
Музејот во најскоро време го очекува пристигнувањето на восочните фигури на Јосип Броз Тито, на Киро Глигоров и на српскиот крал Александар Караѓорѓевиќ. Фигурата на Тито не се нашла во поставката на отворањето на Музејот, бидејќи, како што велат оттаму, воопшто не личела на Тито, па поради тоа била вратена назад. Новата фигура на југословенскиот маршал ќе биде сместена покрај Лазар Колишевски, Цветко Узуновски Абас и Страхил Гигов, во позиција како дискутира со нив и како им дава насоки.
http://novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=92411859406&id=16&prilog=0&setIzdanie=22389