Европската куќа на фудбалот и изрече казна од 25.000 евра на тетовска Шкендија за слаба организација на реванш натпреварот од 2. квалификациско коло во Лигата на шампионите против белградски Партизан во Скопје.
Шкендија ќе мора да ја плати казната поради истакнати националистички пароли и знамиња на трибините на арената „Филип Втори Македонски“, поради истакнато знаме на Косово, но и поради фрлени пиротехнички средства на теренот за време на натпреварот. Казната следи по пријавата од делагатот на мечот, Австриецот Кристијан Шмолцер, но и по комплетирањето на сите доказни средства и видео материјали од средбата.
Од раководството на тетовци најавуваат дека денеска ќе испратат жалба до УЕФА на ваквата одлука, меѓутоа согласно досегашното искуство мали се шансите истата да биде изменета.
Минатата година и Работнички доби парична казна од УЕФА во висина од 10.000 евра поради расистичко однесување на поединци на трибините на „Филип Втори“ на натпреварот од Лигата на Европа против Ливерпул.