„Дали ја оправдувате хомосексуалноста“, ми се чини, е малку погрешно поставено прашање. Еве зошто. Најновите испитувањa сугерираат дека хомосексуалноста не е слободен избор, ами е детерминирано однесување.
Конкретно, студиите од Queen Mary's School of Biological and Chemical Sciences од Универзитетот во Лондон и оние од Karolinska Institutet во Стокхолм укажуваат дека важни детерминантни за хомсексуалното однесување се а) генетски фактори кои вклучуваат изложеност на одредени хормони во утробата на мајката), и б) средината (специфична за индивидуата). Овие (и други студии) имаат некои лимитации, но, укажуваат дека хомосексуалноста не е избор. Исто така, хомосексуалноста е документирана и кај животни, не само кај луѓето. Ако научните сознанија се вакви, тогаш прашањето дали ја оправдувам хомосексуалноста, ми се чини лошо поставено.
Сосема поинаква е дебатата дали хомосексуалноста ја сметам за девијантно или неприродно сексуално однесување. Тука веќе во игра се етички и вредносни ставови, а речиси никакви научни факти.
Живеење во хомосексуална заедница, од правна гледна точка, би требало да спаѓа во граѓански права. Зборувам за civil union кој ќе биде признаен од државата како заедница на партнери со права на пренесување наследство, здравствена заштита, партнерство еквивалентно на хетеросексуален брак во добивање кредити, поседување заедничка сопственост, итн. -- значи граѓански права како правно признаени партнери.
Инсистирање геј браковите да бидат склопени или одобрени од некоја религиозна заедница е, според мене, непродуктивно и нереално. Релиите се темелат на догми кои се непроменливи. Доколку догмите не им одговараат на хомосексуалците, тие не можат да инсистираат догмите да бидат променети како би ги вклучиле нив. За разлика од правниот систем кој треба да ги опфаќа сите, верата е избор и подразбира согласување со одредени догми и вредности. Затоа, кому не му одговара некоја религија, има многу други избори.
Не ја оправдувам стигмата ни омразата на многу религиозни луѓе кон геј популацијата. Како што гледам на форумов има и многу нерелигиозни кои се хомофобично настроени. Не гледам како хомофобијата може да биде продуктивна. Не сум хомосексуалец и хомосексуалниот чин ми е одбоен. Но, ги разбирам луѓето со хомосексуални склоности, не ги осудувам, и сметам дека како партнери во секуларна заедница треба да имаат исти права како хетеросексуалните партнери.