Пицата "Македонија" најмногу се јаде
Иако ја елиминиравме нивната репрезентација во четврт-финалето на Евробаскетот, Литванците не жалат премногу за пропуштената шанса да освојат медал на домашен терен. Интересен доказ за тоа е една пицерија во Вилнус, која по повод Евробаскетот направи 24 нови видови пици, колку што имаше и учесници. Пиците се крстени по земјите-учеснички, а токму пицата Македонија е меѓу најбараните во ресторанот. Македонската пица се јаде и неколку дена по поразот на литванскиот тим од нашата репрезентација, а по неа најбарани и највкусни се германската, литванската и италијанската.
Грчка, црногорска и хрватска пица речиси и никој да не побарал досега.
Во Вилнус, каде што викендов беа сместени околу 500 македонски фанови, Литванците го прифатија поразот машки и извлекоа поука од него дека домашните сали не се никаква предност да се стигне до пиедесталот. Нашите фанови беа атракција во литванската престолнина, а некои од Литванците толку многу беа фасцинирани од македонската фаланга, што почнаа да ја гушкаат и да признаваат дека Македонија е најдоброто нешто што му се случи на Европското првенство.
- Бевте најдобри, заслужно нè победивте. Вашите навивачи се неверојатни - велат граѓаните на Вилнус.
***
Наши полицајци се грижеа за безбедноста на фановите
Поради инцидентите со навивачката група што минатата среда пристигна со чартер-лет на мечот Литванија-Македонија, македонската полиција мораше да ги засили безбедносните мерки за фановите што со три чартер-лета пристигнаа во петокот во Каунас. Шестмина припадници на МВР се грижеа за безбедноста на нашите фанови, а уште десетмина нивни колеги дојдоа да навиваат и да $ дадат поддршка на нашата репрезентација.
***
Литванските невести им се допаднаа на Македонците
Македонските навивачи научија и неколку обичаи на литванскиот народ. Наместо моминска вечер, Литванките имаат традиција на денот пред свадбата да печат колачи, кои подоцна, заедно со љубовна порака, ги продаваат на пешачката улица во стариот дел од градот. Нашите фанови им ги купија сите колачи за среќа, а невестата со своите деверици собра доволно пари да си купи апарат за домаќинство.