Прашање: Дали јас како физичко лице, субјект на податоци, можам да побарам и добијам само сопствен извештај, или доколку дадам податоци за други физички или правни лица до кои сум дошла, на пример врз основа на договорите за закуп со тие лица, и со тоа станам давател на податоци што ќе ми овозможи увид, односно да побарам и добијам информација за било кој од вашата база на податоци, кое нешто во иднина би ми помогнало да знам дали со одреден субјект да склучам договор за закуп или не?
Вие, како физичко лице, од Македонското кредитно биро може да побарате Сопствен извештај, кој ќе Ви послужи за Ваше лично информирање за податоците што за Вас се водат во Македонското кредитно биро, како и копија од Кориснички извештај, кој е веќе изготвен за потребите на одреден Корисник на податоци, а содржи Ваши податоци. Исто така, Вие, имате право, врз основа на претходно доставено писмено барање, да извршите увид во податоците кои се водат за Вас, во вид на писмено Известување, кое го изготвува Македонското кредитно биро без надомест.
Но, не може да побарате извештај за друго физичко или правно лице, ниту да дадете податоци за друго физичко или правно лице.
Со Законот за кредитно биро („Службен весник на Република Македонија“ бр.81/08), се дефинира кој може да биде давател и корисник на податоци.
Доколку се изврши измена на Законот, со која би се овозможило и физичките лица да можат да бидат Даватели и Корисници на податоци, во тој случај ќе може да се задоволи Вашата потреба и ќе се зголеми сигурноста во деловните односи помеѓу субјектите.