Еве после Давор да дадам и јас мое мислење за трансферите кои ги направи Челзи летово, сегашната ситуација во клубот и очекувања за иднината.
Да почнам прво со Боас. Не се сеќавам дали сум пишал тука, а и не е важно. Според мене, откако Анчелоти доби отказ желби за нов менаџер/тренер ми беа Хидинк и Боас. Хидинк беше број еден, а Боас план Б доколку неможе да се направи договор со Хидинк. Баш кога беше донесен Боас, бев на одмор и секој ден барав негде интернет за да проверам дали има нешто официјално. Иако не знаев многу за Боас, ми стана фаворит за менаџерската позиција. Кога се официјализира неговиот ангажман бев многу среќен и задоволен од начинот на кој почна тој ремонт кој го очекувавме уште од јануари. Одкога дојде, уште повеќе ме израдува тоа што му беше дадена слобода да си го состави тимот околу себе, му беше дадена меначерската функција, а не тренерската која ја имаше неговиот претходник. Состави добар тим околу себе, и се очекуваше враќањето на тимот на тренинзи по што требаше да одлужи дали и каде сака да направи некои промени. И не разочара. Според мене беа направени одлични трансфери со кои се подмлади тимот, и се донесе поголема креативност. Почетокот на сезоната е солиден. Неможеме да очекуваме одма резултати како на почетокот од претходната сезона. Сепак има нов менаџер, нови тактики, треба уигрување. Значи засега сум презадоволен од донесувањето на АВБ и мислам дека тоа е вистинскиот избор за Челзи. Се надевам дека ќе ја промени политиката Абрамович и дека ќе го остави Боас полека но сигурно да го предводи Челзи низ еволуцијата како што кажа он нели. Посебно ми е мерак што одма емотивно се приврза за тимот, што го покажуваат неговите реакции при секоја посериозна шанса и гол.
Одиме на трансферите. Ќе почнам со играчите кои што дојдоа во Челзи, а потоа и збор два за тие што го напуштиа клубот. Како што кажав, задоволен сум со трансферите кои беа направени. Мислам дека се донесени вистинските играчи, иако беше потребен и еден плејмејкер но ете пропадна тоа после нервирањата со Модрич (вчера најверојатно била испратена понуда од 40 милиони фунти, и колку и да сакав да дојде, мило ми е што била одбиена понудата зошто Модрич не вреди толку).
- Хуан Мата: трансфер кој воопшто не го очекував, но трансфер кој беше неопходен, зошто уште одамна заклучивме дека ни се потребни крила. Неговиот трансфер се официјализира баш кога се вратив од одмор, и баш ме израдува тоа што немаше никакви проблеми со Валенсија околу неговиот трансфер, и ако добро се сеќавам, колку што видов се било завршено за два дена. Цената беше разумна, и добивме одличен играч. Со само 23 години има време уште да се подобрува, и мислам дека ќе биде еден од најдобрите трансфери на Челзи во последните неколку години. Тоа дека е одличен играч го поќажа со неговото деби против Норвич. Откако влезе во игра цело време се трудеше да создаде шанси за гол и на крај трудот го круниса со гол. Подобро деби неможевме да очекуваме.
- Ромелу Лукаку: прво воопшто не сакав да дојде, бар не ова лето поради тоа што напаѓач не беше приоритет летово, освен ако не беа продадени Калу и Анелка. Но сепак мислам дека е добар трансфер кој секако ќе се случеше порано или подоцна. Се знаеше дека Лукаку е фан на Челзи уште од мал и дека доколку има некаков интерес од Челзи, со сигурност ќе биде договорен трансферот. Огромен играч со само 18 години. Кога се загреваа заедно со МекЕкран ме изненади неговата големина. Беа како џуџе и џин. Го немам баш многу гледано во Андерлехт, но има време за негово развивање и очекувам да го наследи Дрогба.
- Ориол Ромеу: според мене малце непотребен трансфер, но ете после повредата на Есиен изгледа Боас сакаше да донесе играч плус на таа позиција за секој случај. Микел мислам дека може да биде одличен играч, но некогаш знае да биде подпросечен, па ќе го имаме Ромеу да го замени доколку е потребно. Нормално боде во очи и тоа што е донесен од Барса, како и откупната клазула која е вклучена во неговиот договор. Но, тоа е политиката на Барселона, неможеме ништо против тоа. Секако таа клазула немора да значи дека доколку Барса го побара назад он ќе прифати. Изјави дека не планира да се враќа таму, е сега колку е точно тоа ќе видиме. Останува само да почекаме да видиме како ќе се покаже. Боас го има следено уште во Порто и верува дека има голем потенцијал да се развие во одличен играч и да го замени Есиен/Микел. За Есиен мислам дека е завршена кариерата (барем во Челзи) и нема шанси да се врати во форма.
- Раул Меирелеш: иако е донесен во последен момент, веројатно непланирано но мораше откако дефинитивно пропадна трансферот на Модрич да се донесе некаков играч од средината. Голема разочараност меѓу нас, но тоа е само затоа што не беше донесен плејмејкер кој ни беше најпотребен. Доколку имаше два трансфери, Меирелеш и плејмејкер сигурен сум дека ќе беа различни реакциите. Како и да е, мислам дека донесовме одличен играч кој ќе може да допринесе за тимот кога ќе биде потребно. Мислам дека на почетокот најчесто ќе биде на клупа, но во зависност како ќе се покаже, можно е да си обезбеди и место во првиот тим. Останува да видиме како ќе се одвиваат работите.
- Куртоа и Давила: Перспективни млади играчи чија иднина во Челзи ќе зависи од тоа како ќе се покажат на позајмиците. Куртоа мислам дека е квалитетен голман и дека би можел да го наследи Чех еден ден, а за Давила незнам ништо.
Е сега за играчите кои го напуштиа клубот. Да не ги пишувам сега сите посебно, Хамбург со Арнесен си земаа добри, млади играчи за малце пари. Брума е на позајмица, но не сум баш оптимист за неговата иднина во Челзи. највеќе ми е жал за Рајкович. Баш штета што неможеше да земе работна дозвола. Ван Анхолт го гледам како замена за Кол. За Какута не сум сигурен, уште го нема поќажано својот квалитет за првиот тим. Бенајун требаше да остане кога веќе не донесовме плејмејкер, но ете доколку мораше да си оди, требаше да го продадат, а не да го праќаат на позајмица па уште во Арсенал, така да тоа е единствениот трансфер што ме разочара.
Засега иднината според мене изгледа добро. Се зависи од Боас. Неможам да кажам дека ќе освоиме ПЛ или ЛШ годинава, ни дали ќе освоиме некаков трофеј, но Челзи сигурно ќе биде конкурент за титулата во Англија заедно со тимовите од Манчестер. За ЛШ мислам дека шансите се многу мали, но секогаш постои шанса за изненадување. Во ФА и Карлинг Куп можно е нешто да се направи со малку среќа.
Сезонава мислам дека Боас најчесто ќе користи 4-4-3 и 4-4-2 дијамант. Се разбира се зависи од противникот, сепак мислам дека најчесто ќе биде 4-4-3 со овој состав:
Чех
Босингва/Фереира - Луиз/Бане - Тери/Алекс - Кол/Бертранд
Рамирес/Меирелеш - Микел/Ромеу - Лампард/МекЕкран
Стариџ/Анелка - Торес/Дрогба/Лукаку - Мата/Малуда
Чех се надевам дека ќе биде здрав цела сезона. Не е ист тимот без него. Босингва ја започна сезоната одлично, во форма е и се надевам дека ќе продолжи така. Доколку треба некогаш, знае и Фереира добро да изигра а тука е и Иванович кој одлично се снаоѓаше на десната страна претходните две сезони. Луиз очекувам сезонава да си го обезбеди местото во стартната постава. Уште од првиот натпревар почна да ме импресионира, и покажа дека е голем играч кој мислам дека уште долго време ќе игра за Челзи. Тери, стандард, иако мислам дека не е недопирлив и доколку почне да зеза Алекс е одма тука да го замени. Кол исто стандардно лево, Ван Анхолт отиде на позајмица, па доколку треба Бертранд е тука за да го замени. Рамирес знае да изигра перфектно, а некогаш како да го нема на терен. Доколку Меирелеш се покаже добро, би можел да седне на клупа. Микел се надевам дека сега ќе може целосно да се фокусира на фудбалот, и дека сеуште не го покажал неговиот полн потенцијал. Ромеу ќе видиме каква улога ќе има. Лампард иако е легенда и верувам дека има почит не само од нас него од сите, му пројдоа годините, и некако не е веќе истиот. Без нов плејмејкер и без Бенајун мислам дека МекЕкран ќе добива доста шанси сезонава. Тоа му го рекол и Боас откако одбил да го прати на позајмица. Стариџ од следниот натпревар може да игра. Очекувам да е прв избор за десната страна пред Анелка и Калу. Централно ќе ротираат Торес, Дрогба и Лукаку а од левата страна сигурен сум дека Мата ќе му го земе местото на Малуда кој малце повеќе ќе ја грее клупата.
Многу се распишав, па мислам дека треба да престанам тука, да не се повторувам во нешто.
BLUE IS THE COLOUR!!!