L
.Lost Angel.
Гостин
![](http://www.dw-world.de/image/0,,3076616_1,00.jpg)
На бугарската полиција со години и пристигнуваат парични и други подароци во милионски износи. Но, понекогаш даровите се од сомнителни личности или компании. По најновиот скандал реагираше Брисел, а конечно и Софија.
Од септември годинава бугарската полиција нема да смее да прима повеќе подароци. Пари смее да прима единствено од државата или во одредени случаи од општините, меѓународните институции или од Европската унија. Скандалот во бугарската јавност го предизвика признанието на еден полицаец кој новинарите ги информираше за „недопирливите“ автомобили при сообраќајните контроли. Неколку дена откако им се довери на новинарите, тој полицаец доби отказ.
„Мало внимание“ за добрата работа
Бугарскиот министер за внатрешни работи Цветан Цветанов долго ја уверуваше јавноста дека паричните подароци не се ништо ново и дека на полицијата и е неопходна таквата поддршка. Уште од почетокот на 90-те години, фирми и поединци почнаа да и даруваат на полицијата „мало внимание“, на пример бензин или компјутери. Така на пример, откако полицијата уапси група киднапери, од еден бизнисмен на подарок доби 20 компјутери, затоа што наводно следна на листата за киднапирање била неговата ќерка.
Дополнителни 12 компјутери полицијата добила и од организатор на игри на среќа, наводно како благодарност за заштитата, откако главната награда станала многу висока.
Некои општини во земјоделските општини сфатија дека единствено со подароци во бензин ќе ја одоброволат полицијата почесто да ги посетува нивните полиња за да ги спречи кражбите.
Министерот Цветанов тврди дека полицијата не може без таквите донации, иако неговото министерство добива најмногу пари од државниот буџет. За годинава, владата во Софија издвои 500 милиони евра за внатрешната безбедност, а од средината на годинава дојдоа и дополнителни осум милиони- шест од програмите на ЕУ и два милиони од донации.Бугарската полиција има и свои фирми
Но, во последно време, откако се подигна гласот на јавноста, ваквите донации се се’ поретки, а бугарскиот министер има се’ повеќе проблеми да ја увери јавноста дека подароците не се начин на заштита на криминалците. Цветанов неуморно објаснуваше дека донаторите не смеат да имаат криминално минато и мора да го докажат потеклото на парите. Но, новинарите открија цела низа полициски добротвори против кои се воделе истраги, во најмала рака, за затајување на данок.
На крајот, целиот случај го заинтересира и Брисел, и во последниот извештај за Бугарија, ваквата пракса на тамошната полиција беше остро критикувана. Покрај сето тоа, бугарската полиција се впушти и во бизнис-секторот и стана сопственик на три компании кои работат многу успешно. Затоа, ни на бугарската јавност, ниту на европските службеници не им е јасно, зошто полицијата и натаму би требала уште да добива и подароци.