Што ги чека САД по 2. август?
Америка преговара за буџетот
Пазарите се’ уште се надеваат на спас во последен момент, а фронтовите во Белата куќа не попуштаат. Постигнување спогодба не е на повидок. Што тогаш? Ќе се случи ли катастрофа на 2 август?
Републиканците и демократите во САД со денови жестоко дебатираат за подигнување на границата за државното задолжување од сегашните 14,3 билиони долари. Ситуацијата се менува од ден во ден. На моменти се чини дека успехот е на дофат, но кратко потоа е многу далечен. Планираните гласања за предлог-законот за решавање на кризата околу буџетот постојано се одложуваат.
Доколку не биде постигнат договор, САД од наредниот вторник нема да може да ги плаќаат своите сметки: државните службеници нема да може да добијат плата, пензионерите ќе останат без пензии. Никој не сака ниту да помисли колкави ќе бидат последиците од тоа.
„Тоа со сигурност би бил курс на политичко и економско самоубиство“, вели Улрих Катер од „Дека“ банката. Барак Обама воопшто не би требало да размислува за реизбор наредната година, додека републиканците речиси и да не би имале подобри карти на изборите. Од економски аспект, продолжувањето на спорот би било катастрофално. Згора на се’ се заканува и намалување на рејтингот на САД од страна на рејтинг агенциите, што би имало несогледливи последици за финансискиот систем во целиот свет, не само за САД.
Загриженост да, но паника не
Затоа никој не сака да верува во тоа, како што покажува воздржаната реакција на финансиските пазари - знак на меѓународна доверба дека демократите и републиканците сепак навреме ќе постигнат согласност за подигање на лимитот и истовремено за намалување на државниот дефицит.
Сепак, нервозата се чувствува. Доларот изгуби на вредност во однос на јенот, на јуанот и на швајцарските франци. Исто така и во однос на еврото, доларот во последно време ја губи вредноста, иако Европејците и самите имаат доволно проблеми со заедничката валута. Цената на златото расте и преку тоа се отсликува загриженоста на вложувачите од ескалација на должничката криза. На берзите со акции исто така расте напнатоста, курсевите паѓаат во Европа, во Азија и во САД.
Суден ден?
Доколку не се постигне договор до 2 август, меѓутоа, не мора безусловно да се смета со крах на пазарите, смета економистот Катер. Ако се направи ретроспектива ќе се види дека САД веќе имаат надминато ваква стапица, која може да предизвика
Остри фронтови меѓу демократите и републиканците катастрофа. Во април и мај 1979 година границата за долговите не можеше на време да биде подигната. „Тогаш три државни обврзници не можеа на време да бидат подмирени. Тоа беше лошо, но не заврши со целосен крах“, вели Матијас Тил, економист во „М. М. Варбург“.
Турбуленции на пазарите за капитал би можело да има доколку почнат да опаѓаат индикаторите за расположението на берзите, тоа би бил предупредувачки сигнал. „Потоа ќе биде предизвикан негативен тренд на пазарите со акции, што одново ги оптоварува индикаторите. Со тоа би се активирала спирала во надолна линија“, смета експертот од „Дека“ банката.
15 август втор рок?
Иако 2 август постојано се наведува како ден за одлука, црниот ден, ден на кој во САД ќе се изгаснат светлата: тој ден нема да биде таков. Ниту за финансиските пазари, ниту за владата во Вашингтон. Имено, Американците мудро го премолчеа денот, кога навистина ќе им снема пари.
На Волстрит преовладува проценката дека владата ќе има доволно средства за уште две недели. „Ризик за вистинска платежна неспособност постои по 15 август“, смета економистот Вард МекКарти. „Границата за долговите нема веднаш да претставува проблем“ дополнува МекКарти.
Дали ќе биде постигната спогодба? Ако да, кога? Дали тоа ќе значи големо олеснување за берзата или ќе има спротивно влијание? Дали ќе преовлада стравот од пакетот за штедење, бидејќи би можел да ја задуши економијата? Одговорот на сите овие прашања може да се очекува по 2 август.
http://www.dw-world.de/dw/article/0,,15276502,00.html?maca=maz-TB_maz_TVA1-3119-html-cb
--- надополнето: Jul 29, 2011 8:23 PM ---
29.07.2011
Банкротот на САД ќе го почувствуваме сите
Времето истекува, а договор нема. Доколку САД на 2. август навистина банкротираат, во многу сектори ќе мора да дојде до кратења. Незадоволните граѓани веќе почнаа да се собираат пред Капитол Хил.
Ралф Рандал е еден од четирите илјади вработени во државната Служба за надзор на воздушниот сообраќај, кој моментално е на принуден одмор. За тоа треба да му „заблагодари“ на Конгресот, кој го замрзна буџетот на Службата. Тој на Капитол Хил говори за класна борба. Одредени „радикални политичари“ водат војна со обичните работници, семејства и државни службеници, вели Рандал. „Тие попрво би дозволиле земјата да банкротира, при што уште повеќе луѓе ќе останат без работа и ќе го оптоварат социјалниот систем, отколку сите заедно да се жртвуваат“, додава тој.
Стравот од отпуштања го делат и други државни службеници. На пример Џејн М. Најгард, која 35 години била медицинска сестра во државна болница и е потпретседателка на Синдикатот на државни службеници од Минеаполис. Таа стравува дека во иднина ќе има се` помалку квалифицирани државни службеници, што ќе се одрази врз квалитетот на услугите. „Доколку парите за државните институции продолжуваат да се замрзнуваат и административците постојано живеат во страв, никој нема да сака да работи во државниот апарат“, нагласува Најгард.
Преговорите меѓу републиканците и демократите се` уште без резултати
Може ли Обама сам да ја спречи катастрофата?
Меѓутоа, стравот не е присутен само кај оние, кои платата ја земаат од државниот буџет. Пензионерите, невработените, студентите, корисниците на социјална помош... Сите кои на некој начин добиваат нешто од државата, можат да бидат погодени од евентуалниот банкрот на САД. Министерството за финансии се` уште не соопштува конкретни планови.
Тајс Херман студира на универзитетот Стетсон во Флорида. Студиите ги финансира со тоа што пишува за блог, посветен на заштитата на климата. Затоа не мора да зема кредит од државата, но тоа наскоро би можело да се промени, бидејќи планира да продолжи со студиите на друг, поугледен универзитет. „Стравувам дека каматите ќе бидат многу високи и дека тешко ќе се добива кредит“, вели Херман.
Тој, како и останатите граѓани собрани на Капитол Хил го бараат истото што и Демократите во Конгресот - поголеми даноци за богатите. Но, републиканците не сакаат да слушнат за какво било покачување на даноците. Многумина од демонстрантите посакуваат претседателот Барак Обама да пресече и сам да ја подигне максималната граница на државно задолжување. Тој до сега ја одбива таквата можност, иако според Уставот има право на тоа. Надежта дека во Вашингтон сепак ќе преовлада разумот - се` уште не исчезнала
http://www.dw-world.de/dw/article/0,,15276526,00.html?maca=maz-TB_maz_TVA1-3119-html-cb