Нема да се градат нови студентски домови во Штип, Тетово и Скопје
Поради недоследност во понудите, Владата ја прекинува постапката за доделување на договор за изградба на нови студентски домови во Тетово, Штип и Скопје.
Одлуката за изградба на нови студентски домови, која беше донесена на 28. декември 2010 година, се прекинува поради тоа што содржината на доставената понуда не одговара на бараната содржина во јавниот повик, се вели во образложението објавено во последниот Службен весник.
Трите нови студентски домови требаше да се изградат со јавно-приватно партнерство на државно земјиште, кое Владата бесплатно требаше да го даде на користење на фирми што ќе бидат заинтересирани да ги изградат овие објекти. Во јавниот повик што го објави Владата пред седум месеци се предвидуваше земјиштето да се даде на користење во рок од 35 години, а потоа објектите да ги преземе државата. Првичните проценки на министерот Никола Тодоров тогаш беа дека изградбата на само еден дом ќе чини 60 милиони евра.
Извор:
Капитал