Ѓорѓиоски прозиваше за Прва лига
На прозивката се јавија 19 фудбалери, а според тренерот биле обезбедени сите потребни услови за отпочнување на квалитетни подготовки за следната сезона
Тренерот Илчо Ѓорѓиоски и фудбалерите на Вардар во саботата го одработија својот прв тренинг за следната сезона, во која најтрофејниот фудбалски колектив дефинитивно ќе настапува во Првата лига и тоа под своето ново пререгистрирано име. Во петокот вечерта беше одржана седница на новиот Управен одбор на која беа дефинирани органите и функциите во клубот, а официјално Ѓорѓиоски беше назначен за тренер на црвено-црните, додека Горан Митев, поранешниот футсал-репрезентативец, е поставен како спортски директор.
На прозивката се јавија 19 фудбалери, а според Ѓорѓиоски, биле обезбедени сите потребни услови за отпочнување квалитетни подготовки за следната сезона.
- Има играчи од претходниот состав, има некои нови, а со трети допрва ќе се преговара и ќе видиме дали ќе останат. Најважно е тоа што во најскоро време ќе почнеме со нашите методи на тестирања и ќе оцениме кој во каква форма е. Вардар треба да има физички добро подготвени играчи и тоа ќе биде еден од критериумите за тоа кој ќе има предност во првиот тим - изјави старо-новиот стручњак на Вардар, кој претходно со Македонија ЃП ја освои титулата во 2009.
Стручниот штаб објави дека најпопуларниот македонски клуб од 5 јули заминува на базични подготовки на Златибор, каде што ќе одигра неколку контролни средби со тамошни противници.
Името на стариот Вардар веќе е избришано, а новиот клуб официјално е преименуван во Вардар 1947, според годината на основање. Управата на клубот најави дека ќе доведе квалитетни засилувања и петкратниот македонски првак за следната сезона ќе има значително подобар тим во однос на ланскиот.
Амбицијата е излез во Европа
Во редовите на управата и на стручниот штаб по најновото преструктурирање владее мислење дека амбицијата на Вардар за следната сезона треба да биде пласман на позициите кои водат во натпреварувањата на УЕФА. Титулата, ако не во 2012, да се освои во 2013. Последен настап во европските натпреварувања беше забележан во 2007 во Купот на УЕФА, во поразот од кипарскиот Анортозис.
извор: Дневник
--- надополнето: Jun 26, 2011 10:22 PM ---
нови играчи на вардар се милан илиевски од металург и марјан мицков од шкендија