Турција се приклучи на акцијата на НАТО во Либија
23/03/2011
Турција се понуди да обезбеди бродови како дел од операцијата на НАТО за спроведување на ембаргото за оружје на ОН воведено за Либија, објави во средата (23-ти март) новинската агенција Анадолу, цитирајќи извори на алијансата и владата. Анкара вели дека може да придонесе со четири фрегати, подморница и помошно возило.
Вкупно шест земји понудија да испратат 16 бродови за да помогнат во спроведувањето на ембаргото, рече генералот на НАТО, Пјер Сент-Арнанд, на прес-конференција. Тука спаѓаат еден италијански команден брод, фрегати од Турција, Велика Британија, Шпанија, Грција, Италија, Романија, Канада и Соединетите Држави, подморници од Турција, помошни бродови од Италија и од Турција.
Во вторникот амбасадорите на НАТО се согласија со планот за распоредување возила и авиони во областа, покрај брегот на Либија. „Тие ќе спроведуваат операции за следење, известување, и ако биде потребно, забрана на возила осомничени дека носат нелегално оружје или платеници“, рече генералниот секретар на НАТО, Андерс Фо Расмузен, објавувајќи ја одлуката.
Консензусот беше постигнат по два дена тешки разговори за улогата на алијансата од 28 држави во воздушната кампања која почна минатата година со цел да се спроведе зоната на забранети летови под мандат на ОН за Либија и да се заштитат цивилите од режимот на полковник Муамер Гадафи.
http://www.setimes.com/cocoon/setimes/xhtml/mk/features/setimes/features/2011/03/23/feature-01