Во Македонија може да се избројат на прсти луѓето што живеат од хип-хоп, значи луѓе буквално да не прават ништо друго освен хип-хоп, да немаат друга работа. Е сега како да се сфати хип-хопот кај тие што работат друго? Како хоби? Како нешто измеѓу хоби и работа? Ај прво да дефинираме што е хоби.
Хоби е занимање што не е извор на заработувачка, туку служи како забава и рекреација. Значи решавање на крстзбор е хоби, возење ролери е хоби, берење на стари парички е хоби. Е сега дали можеме да го ставеме хип-хопот во оваа низа? Според мене категорично не! Еве зошто...
Хип-хопот ако е сфатен сериозно е многу повеќе од хоби, ај да ставиме на почеток дека е хоби (затоа што немам друг збор), но тоа е само појдовната точка на муабетот. Тој најесенцијално служи за духовна надградба на својата личност, а со надградба на својата личност паралелно помагаш во истиот процес на тие што те следат/слушат. Каква волшебна благородност. Е дали може ова истото да се каже за играње Pro Evolution на Playstation? Колку лесно реторичко прашање. Затоа викам дека е многу повеќе од хоби и е многу многу поразлично.
Поразлично (барем за тие што вистински го сакаат и разбираат) е затоа што хип-хопот не го сфаќам како поим за забава и рекреација. Туку го сфаќам како начин/енергија/процес за зголемување на моето битие (не его) и поместување на моите граници. Тоа се постигнува само преку поголемо испитување и искреност спрема самиот себе и слушање и процесирање на туѓата болка/среќа на тие околу нас. Е сега гарант некој ќе си помисли:
“Што му е на овој? Денес освен теми за секс, модни трендови, пари и коли, нема ништо друго. Каква духовност гледаш во тоа бе црни Џоџо???”
Да, во право сте и јас не гледам никаква духовност во се што помисливте. Но тоа е само ако се информирате за рапот преку МТV и Тин-Шема. И жалам што ќе мора да ве нападнам, но ако тоа е вашиот став изграден само преку вакви слични медиуми за хип хопот вие сте мрзливи. Доволно мрзливи за да не прочепкате подлабоко. Затоа што хип-хопот живее на улица, живее на некоја журка каде што има 200-300 искрени срца, живее во битието на едно дете што секој ден адреналински црта на некој ѕид и си го чува грбот да не го фатат.
Да ја привршам колумната со еден пример што бар мене ми е логичен. Ако возиш ролери, не те интересира кога биле измислени ролерите, не те интересира дали има трки на ролери, не те интересира дали има журки на ролери и не те интересира за сличните активности (скирол и слично) – туку едноставно само ги ставаш ролерите и возиш. Е сега замислете некој што се занимава со хип-хоп. Знае за родното место – Бронкс, знае за графитите, брејкденсот, бит-боксот и DJ-ите... Знае за Голден Ејџот, ривалството на East и West Coast. Знае 1 000 000 артисти, купува албуми, разменува албуми, се шутка на журки. Иако хип-хопот како поим е надвор од нас, тој живее во нас.
Затоа Ние=хип-хоп. Затоа хип-хопот е многу повеќе од хоби.