КОГА АРБИТРИТЕ ЌЕ ЈА ЗЕМАТ РАБОТАТА ВО СВОИ РАЦЕ
Не сум разочаран, но не ми е сеедно, не сум рамнодушен но сум горд на тимот кој го сакам поради тоа што е. Поради тоа што секоја година се бориме секаде, не се откажуваме, трофеите ќе дојдат кога судиите ќе сфатат дека не игра само Барселона фудбал.
Да бидам реален и да не се лажеме, Барса доминираше а ние на сите 4 натпревари грешевме што им ја дадовме играта, требаше барем еднаш да се обидеме ние да доминираме, во Лондон на Емирати нашата храброст се исплати, победивме, мислев ќе продолжиме така и на Камп Ноу, но таму пред време се предадовме, се откажавме од нашиот идентитет, од нашиот заштитен знак, нападот. За некоја наредна средба се надевам дека нема толку лесно да им ја предадеме топката, се надевам дека конечно ќе сфатиме и ќе им ја криеме топката ако ништо друго. Сите видовме колку беа нервозни пред да го постигнат првиот гол, но со нашата затворена игра јасно беше дека во некоја прилика вниманието ќе попушти и ќе примиме гол. А кога Барса беше нервозна и правеше глупости на теренот тогаш немаше судија, го немаше кога се превеа фаули над Насри, пред се над Вилшир го претепаа детето, над Кошеилни, над Диаби, го немаше на теренот да даде жолт кога Меси шутираше од офсајд, кога Маскерано со сатар се шеташе по теренот.
И како не ни е срам нас, бедни фанови на Арсенал, да помислуваме на такви работи, да ја победиме таа „величина“ од Барселона, па само против нив на судијата му е дозволено да не гледа, привилигираните копуци од Каталонија, поради кои секој вљубеник во фудбалот, без разлика дали има свои фаворити или е неутрален, е осуден да биде сведок на смешни судиски одлуки, да чувствува горчина во устата (која не е предизвикана од пивото и мезето), да се чувствува предаден од „најдобрите на светот“ кога не оди според нивниот план. Барса игра атрактивен и убав фудбал, несомнено дека ги освојуваат срцата на неутралните фанови на фудбалот во целина, но зошто мора на секое големо натпреварување судијата да дава картони ако некој накриво го погледне Меси, или Чави, така беше против Челзи пред неколку години, против Интер лани, дури и против Реал кога играат во Примера? Ако се толку добри зошто мора судиската четворка да им го чува грбот во ЛШ 6 сезони по ред? Зошто и другите тимови да немаат исти шанси кога играат против Барселона? Па не го измислија Каталонците фудбалот, и пред тоа народните маси ја играа таа страствена игра, модерната најважна споредна работа на светот.
Не сум лицемерен кога ќе кажам дека се лутам на Арсенал кога судиите свират во наша полза (што е ретко како Халиевата комета), јас го сакам фудбалот, јас верувам во фер плеј. Зошто да им се лутам на ВБА кога не растурија во второ полувреме на почетокот на сезонава, едноставно не надиграа, ние грешевме тие тоа го искористија и ни напикаа три гола, и патем цело полувреме не напаѓаа, секоја чест.
Секоја чест и на Барса што не ни дозволи да шутнеме кон голот, што не ни дозволи да излеземе од нашата половина, ама зошто кога видоа дека сме тврд орев, почнаа да плачат кај судијата за картони, не правеме само ние фаули, Маскерано дебело заслужи картон, ама тој игра за Барса, Бускетс исто, за Абидал и да не зборам( на теренот се однесуваше како ренџер) Меси повеќе плачеше кај судијата од што играше (и во Лондон и во Барселона) зошто и тој не доби картон поради приговор?
Уште колку ќе не силуваат судиите на вакви големи натпревари?
Им честитам на фановите на Барса, и пред да продолжите да се трескате од земја, имајте доблест и признајте дека Бусака дебело ви помогна, ако ја освоите ЛШ ве молам дајте му медал и нему, го заслужи.