Турција - булдожер за името на Македонија?
Според грчки оцени, можно е Турција да помогнала Дамаск да го признае уставното име
Вознемиреноста од признавањето на Македонија под уставното име од страна на Сирија и натаму трае во Атина, зашто станува збор за држава која се смета за добар пријател и поддржувач на Грција уште од времето на владата на Андреас Папандреу. Грчките медиуми и опозициските партии се' уште се во исчекување на реакција од грчкото Министерство за надворешни работи во врска со овој неочекуван потег на Дамаск, трудејќи се да најдат објаснување за заднината.
„Молчат како риби во МНР“, се вели во текстот на весникот „Елефтеротипија“, и покрај објаснувањето од страна на портпаролот на грчкото МНР, Григорис Делавекурас, дека реакција ќе има штом Сирија ќе испрати официјално известување за договорот што го потпишале во Њујорк сирискиот и македонскиот министер за надворешни работи.
Пратениците од левичарската партија СИРИЗА коментираа дека одлуката на Сирија може да се смета како реакција на средбата на премиерот Јоргос Папандреу со својот израелски колега Бенјамин Нетанјаху и видливото грчко свртување во правец на Израел, бидејќи досега Грција поголем фокус имаше на добрите односи со арапските држави.
Пратениците поставија прашање до премиерот и до Министерството за надворешни работи дали владата била изненадена од овој чекор и дали било направено нешто за да се разубеди Сирија од одлуката. Беше поставено и прашањето дали треба да се очекува бран нови признавања на Македонија под уставното име од други арапски и муслимански држави, што планира да направи владата за да го спречи тоа и дали се размислува за промена на стратегијата за надворешната политика на Грција по ова признавање.
Во коментарите и анализите грчките медиуми го толкуваат признавањето од Сирија како обид на Турција да ја интензивира улогата на Балканот. Дипломатски извори за грчките медиуми тврдат дека Анкара има отворен дијалог со Сирија и не ја исклучуваат можноста Турција да ја охрабрила Сирија за ваков потег. Според нив, ова не би било изненадувачко, бидејќи надворешната политика на турскиот шеф на дипломатијата, Ахмет Давутоглу, предвидува зголемено присуство на Балканот. Признавањето на Македонија под уставно име од страна на Сирија и дел од медиумите ја поврзуваат со неодамнешната средба на Папандреу со Нетанјаху. „Се' уште се свежи впечатоците од средбата меѓу Израел и Грција, па оваа средба мора да има некакво влијание на одлуката на Сирија, и покрај наводно добиената потврда дека признавањето и надворешната политика на Сирија нема да ги разбрануваат добрите односи со Грција“, се забележува во медиумите.
Во меѓувреме, на состанокот со новата влада, грчкиот премиер Јоргос Папандреу не спомена ни збор за признавањето. На состанокот со министрите Папандреу упати критика до премиерот Никола Груевски поради неговото отсуство во Њујорк за време на Генералното собрание на Обединетите нации. „Премиерот на БЈРМ не дојде во Њујорк. Очекувавме дека ова е шанса да напреднеме - не велам дека ќе го решевме спорот, но ќе беше можност за напредок и придвижување за прашањето за името“, истакна Папандреу.
Во исчекување на официјална изјава од грчка страна, весникот „Елефтеротипија“ шпекулира дека по признавањето од Сирија, грчките дипломати ќе почнат серија разговори со останатите држави кои не ја имаат признаено Македонија под уставното име. „Со признавањето од Сирија, повеќе од две третини од членките на Обединетите нации ја признале БЈРМ под уставното име. Пред неколку години, официјално Скопје истакна дека, доколку се случи ова, ќе побараат на Генералното собрание да бидат претставени како ’Република Македонија‘“, се вели во текстот од „Елефтеротипија“.
Меѓутоа, дипломатски извори за весникот велат дека вакво сценарио не е возможно, бидејќи доколку работите се одвиваат на таков начин, досега ќе се најдеше решение за проблемите на Блискиот Исток. „Во практика, спор за кој се расправа пред Советот за безбедност не може да се меша со Генералното собрание. Исклучок од правилото беше војната во Кореја и тоа затоа што Русија беше отсутна од Советот за безбедност. Скопје не би можело да се потпре ни на неодамнешниот пример со иницијативата на Србија за Косово, бидејќи тогаш се бараше гласање за одлуката на Меѓународниот суд на правдата, а не за решение на спорот“, се наведува во „Елефтеротипија“.