„Тајмс“: вистински крај на војната на Балканот
МИА
10.09.2010
По одлуката на Србија да се откаже од давањето отпор на косовската независност и да дозволи албанското мнозинство во поранешната покраина најпосле да почне самото да ја обликува својата иднина, може да се каже дека дојде вистинскиот крај на војната на Балканот, пишува „Тајмс“.
Промената на ставот на официјален Белград, пред се се должи на желбата на Србија земјата да влезе во Европската унија, што според лондонскиот весник е добар знак за ЕУ, во моментите кога со неа тешко се управува, кога е поделена како никогаш порано и кога почнува да и недостигаат пари, затоа што покажува дека земјите аспиранти се уште веруваат во неа и сакаат да и се приклучат.
Брисел сега врши силен притисок врз Белград и Приштина да почнат дијалог и преку него да ги решат практичните прашања што ги погодуваат и двете страни, како што се влегувањето на косовските камиони на српска државна територија, или прашањето за тоа што да стои во учебниците на територијата на која се уште има 10 отсто Срби. Весникот смета дека напредокот на тој план ќе оди многу полека, затоа што ниту една од страните не е подготвена за отстапки.
Србија во декември, на последниот самит оваа година, најверојатно ќе се доближи уште повеќе кон ЕУ, иако за повеќе од тоа ќе треба да го најде и уапси Ратко Младиќ, но промената на српската позиција околу косовската независност е силен показател за исправноста и силината на политиката на поттикнување и на давање примери.
Властите во Белград видоа колку голем напредок има Словенија по влегувањето во ЕУ, а гледаат како со забрзани чекори оди во тој правец и Хрватска, па Србија не сака да заостане на европскиот пат, со што желбата за приклучување во Европската унија се покажа посилна од горчината, констатира „Тајмс“.
http://www.a1.com.mk/vesti/default.aspx?VestID=127260